Фото: Министерство за транспорт

Македонија има стратешка позиција на Балканот, со оглед на тоа што низ земјата се вкрстуваат транспортните коридори 8 и 10, што ја позиционира како значајна транзитна точка во европската транспортна мрежа.

Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на научната конференција „Eurock 2026“, која ја организираат Друштвото за геотехника на Македонија и Градежниот факултет.

Николоски посочи дека Владата реализира инвестициски циклус вреден неколку милијарди евра, насочен кон изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура, при што инженерската експертиза има значајна улога во реализацијата на проектите.

Според него, одржувањето на „Eurock 2026“ во Скопје претставува признание за македонската инженерска и научна заедница.

 – Скопје и Македонија имаат чест да бидат домаќини оваа година. Тоа не е случајно, туку е резултат на победата што во 2023 година Градежниот факултет ја оствари на собирот во Салцбург, каде што го освои првото место во делот на иновативноста – рече Николоски.

Тој посочи дека на конференцијата учествуваат околу 600 професори и експерти од целиот свет, кои дискутираат за актуелните инженерски предизвици во градежништвото.

 – Навистина е прекрасно да се видат околу 600 професори од целиот свет како дискутираат за најголемите инженерски предизвици во градежништвото. Ова секако ќе придонесе за развојот на нашиот факултет, професорите и научниците, а нивното знаење и искуство ќе ни помогнат и нам да реализираме уште повеќе проекти – додаде Николоски.

Научната конференција „Eurock 2026“ во Скопје собра стручњаци од областа на геотехниката и градежништвото, со фокус на современите инженерски решенија и предизвиците во изградбата на инфраструктурни објекти.