Во одморалиштето „Михајлово“ на планината Кожув се одржа летен камп
за наградените ученици од натпреварите по француски јазик во Македонија

Учениците поделени во групи според нивото на познавање на францускиот јазик ги реализираа проектите, но и контактираа меѓу себе, создаваа нови пријателства. Имаше од сѐ по малку: дружба во природа, заеднички пикник во планина, изработка на постери, анимација на работилници на професори по француски јазик, како пишување и рецитирање поезија и театарски претстави, изготвување постери, караоке на француска музика, проекции на француски филмови и популарни француски игри

Жаде Бенреждал

Прекрасни спомени засекогаш ќе бидат врежани во меморијата на сите учесници во летниот франкофонски камп во одморалиштето „Михајлово“ на планината Кожув во близината на Кавадарци, кој се одржа од 20 до 25 јуни годинава. Дел од кампот беа ученици од основните и од средните училишта во Македонија што освоиле од прво до четврто место на државните натпревари по француски јазик изминатата учебна година. Овој уникатен летен камп за нив претставуваше уште една награда и можност да го збогатат своето знаење, да стекнат нови сознанија за француската култура, но и нови пријателства.
Кампот беше организиран од фондацијата „Бел-идеал“, формирана од Македонката Жаде Бенреждал, чија основна определба е да им помогне во образованието на децата од Македонија. Бидејќи ова е прв камп што го организира нејзината фондација, таа целосно се вклучи во реализацијата, со цел сите финансиски средства што се вложуваат да бидат искористени за подобрување на едукацијата на нашите ученици.

Награди за најдобрите

Сите денови поминати во кампот беа исполнети со голем број активности. Учениците поделени во групи според нивото на познавање на францускиот јазик ги реализираа проектите, но и контактираа меѓу себе, создаваа нови пријателства. Имаше од сѐ по малку: дружба во природа, заеднички пикник во планина, изработка на постери, анимација на работилници на професори по француски јазик, како пишување и рецитирање поезија и театарски претстави, изготвување постери, караоке на француска музика, проекции на француски филмови и популарни француски игри. Сето научено и изработено на работилниците на крајот имаа можност да го презентира пред другите, а најдобрите да добијат награда. За подобро меѓусебно запознавање беше вклучена и можноста сите учесници да ги презентираат градот и регионот од кој доаѓаат. Еден ден учесниците во кампот го поминаа во градот Кавадарци, каде што ги посетија Винскиот музеј, Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ, Спомен-куќата на народниот херој Страшо Пинџур и Споменикот на дванаесетте ваташки младинци, но имаа можност да го видат и Тиквешко Езеро.

Помош за децата што учат француски во Македонија

Инаку, Жаде Бенреждал е основачка и поранешна претседателка на првата мрежа на агенти за недвижности во Франција. Нејзиното вистинско име е Јадранка, а презимето Бојковска, кое со стапување во брак го заменува со Бенреждал. Таа на шест години го напушта своето мало село близу Крива Паланка и заедно со своите родители заминува за Франција. На таа возраст не знае да зборува, да чита и да пишува на француски, ниту пак ги познава обичаите во оваа нова земја. Пристапот до бесплатно и квалитетно образование за неа претставува вистинска среќа и своето искуство сака да го искористи за да им помогне и да им даде надеж на децата од Македонија, кои не можат да си го дозволат тоа. Жаде сака преку многу конкретни дејствувања да го олесни учењето на францускиот јазик и да го направи поедноставно и позабавно. Нејзината љубопитност и потреба за обновување отсекогаш ја туркале да презема нови предизвици. Еден таков предизвик е фондацијата „Бел-идеал“ во која наоѓа слобода и можност да се бори за она што ѝ е блиску до срцето, да спроведе акции за да им понуди подобар живот, посветла иднина на своите мали сонародници. Затоа многу важно за тимот на „Бел-идеал“ е сите активности да се градат врз основа на вредностите на солидарност, поддршка и транспарентност, бидејќи веруваат дека меѓусебната помош и човечкиот контакт можат значително да ни го променат животот.

Градот Кавадарци за првпат се сретна со Жаде Бенреждал во јануари 2022 година кога на основното училиште „Тоде Хаџи Тефов“ му донираше книги за учениците и наставниците, со што овозможи ова училиште за првпат да поседува литература на француски јазик. Заслужува да се спомене дека фондацијата „Бел-идеал“ на 31 март годинава во центарот за култура во Крива Паланка ја организираше првата Франкофонска вечер, на која учествуваа ученици од седум училишта од градовите: Крива Паланка, Скопје, Неготино, Пехчево и од Велес.

Жаде Бенреждал не го крие задоволството по успешното завршување на кампот во Михајлово и посетата на амбасадорот на Франција, заедно со пратеници на францускиот парламент, како и од позитивното искуството што го стекна од соработката со Општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев. Таа изрази голема благодарност до учениците, аниматорите и соработниците без кои овој убав проект не ќе можеше да се реализира. Нејзина желба е наредната година кампот да има 100 учесници.