Ана Стојаноска ќе ја претстави Македонија на „Јуниорскиот евросонг“
Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на „Јуниорскиот евросонг 2026“ во Малта со песната „Идната јас“. Музиката е на Николче Мицевски, а текстот на Илчо Нечовски. Песната зборува за детските соништа, вербата во себе и за храброста да останеме свои додека растеме. Официјалниот видеозапис е реализиран во продукција на Македонската радио-телевизија. На сцената со Ана ќе настапат и танчарките Калина, Каја и Елена.
Ана за „Колибри“ раскажа како ја доживува песната и како течат подготовките.
– Кога првпат ја слушнав песната, почувствував како да е напишана за сите нас што размислуваме што ќе бидеме кога ќе пораснеме. Подготовките се возбудливи, а најубаво ми е што на сцената ќе бидам со девојките Каја, Калина и Елена со кои заедно работиме на настапот, а за кореографијата е задолжен Илија Карадакоски. Сакам децата што ќе ја слушнат песната да знаат дека нивните соништа се важни и дека не треба да се откажуваат од нив. Едвај чекам да ја испеам во Малта! – со возбуда раскажа Ана.
Oдговорната уредничка на МРТ5 и шефица на делегација Дијана Гогова, вели дека досегашните реакции за песната се одлични.
– Интензивно работиме на настапот за приказната на „Идната јас“ да оживее и на сцената во Малта. За нас најважно е Ана и девојките да уживаат во ова искуство и со самодоверба да ја претстават Македонија. Ана Стојаноска беше избрана за македонска претставничка по пат на аудиција, а композицијата на Николче Мицевски беше избрана по пат на конкурс. Песната има сила и убавина, а етноелементите ѝ даваат посебен печат. Совршено одговара на сензибилитетот и вокалот на Ана. Досегашните реакции се одлични, песната одлично котира меѓу евровизиските фанови, на кои особено им се допаѓа нејзината специфичност – информира Гогова.
Годинашниот „Јуниорски евросонг“ е закажан за 24 октомври, сабота во Валета, Малта. Ќе настапат учесници од Албанија, Ерменија, Кипар, Франција, Грузија, Ирска, Холандија, Италија, Малта, Црна Гора, Полска, Португалија, Сан Марино, Шпанија и од Украина.
„Колибри“ ѝ посакува на Ана многу среќа, успешно претставување и висок пласман со кој сите ќе се гордееме! Ф.Д.
































