Фото: Од минатогодишниот поетски камп

В четврток, 24 август, со почеток во 10 часот, во ОУ „Ванчо Николески“, во Лескоец, крај Охрид, свечено ќе биде отворен петтиот балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“.
За овој чин, учениците од училиштето, единствената институција кај нас што го носи името на родоначалникот на македонската литература за деца и млади, подготвуваат посебна културно-уметничка програма, додека учесниците – млади надежни поетски имиња од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија и од Црна Гора, ќе ги поздрави и ќе им посака плодна работа претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, проф. д-р Христо Петрески.
Веднаш потоа, дел од учесниците и организаторот, друштвото за литература и култура „Мацково“, ќе оддадат пиетет кон Николески со полагање цвеќе на вечното почивалиште во Охрид.

Манифестацијата ќе трае до сабота, 26 август, и ќе се одржува во Охрид, Струга, Вевчани, Белчишта и во Црвена Вода. Учесниците, благодарение на воспоставената соработка со менаџментот, ќе имаат можност да проследат дел од манифестациите на светскиот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Поетските работилници, годинава, ќе ги води проф. д-р Милутин Ѓуричковиќ, истакнат српски поет, идеен творец, основач, сега претседател на Институтот за детска литература во Белград, член на Европската академија на науките и уметностите.

– Учесниците ќе ја посетат и Општина Вевчани, местото на повеќевековниот уличен карневал на маски, со разглед на Вевчанските Извори и Спомен-куќата на таткото на глобализацијата Михајло Пупин, а предвиден е и прием кај градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски. Во Охрид ќе ги разгледаат најзначајните споменици на македонската историја и култура и ќе го посетат Музејот на холандскиот писател А. Ден Долард, каде што ќе читаат свои творби. Последниот ден, во Белчишта, ќе имаат прием кај градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, и ќе ја посетат Галеријата од дела на учесници на ликовната колонија „Дебрца“, најстара и со најголема збирка во Македонија, со над 700 експонати. Во селото Црвена Вода, родното место на поетот Ванчо Николески, мештаните ќе им подготват селска трпеза, а ќе ги посетат родната куќа и Спомен-собата на писателот, информираат организаторите.

Додаваат дека времето за литературно создавање ќе го искористат и за другарување и разговор со поетот Христо Петрески, на темата „Креативно пишување поетски творби“. Последниот ден, вечерта, од 20.30 часот ќе присуствуваат на предавањето на Поетскиот портрет на лауреатот на „Златен венец“ на СВП за 2023 година, во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија, додека претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, секоја година, до учесниците испраќа специјално послание. Манифестацијата финансиски е помогната од Министерството за култура, општините Охрид и Дебрца, како и од спонзори и помагатели.

Веле Митаноски