Досега на фестивалската сцена застанале 3.000 деца, испеани се 1.000 песнички, а „Златно славејче“ го посетиле над милион посетители

Најдолговечниот фестивал за деца кај нас наполни 50 години!

„Среќен ви роденден славејчиња, со вас е светот поубав“, пееше Бисера Мојаноска во песничката „Среќен роденден Златно славејче“, која ја слушнавме во неделата во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, кога беше одбележан 50-от роденден на најдолговечниот фестивал за деца кај нас. Всушност, тој е најстар детски музички фестивал на Балканот и втор по долговечност во Европа.
Досега на фестивалската сцена застанале 3.000 деца, испеани се 1.000 песнички, а „Златно славејче“ го посетиле над милион посетители. Навистина бројки за почит!
Бидејќи се слави голем јубилеј, имаше уште две пригодни песнички: „Златни славејчиња“, која ја исполни Јана Стојановска, и „Приказна за златно славејче“, која ја слушнавме од гостинката од Романија, Андреа Џерорџина Станку.
Како и што доликува на еден ваков ден, роденденската забава беше распеана и разиграна, со многу детски насмевки, расположени родители и самите некогаш дел од фестивалската публика и задоволни дечиња. Иако салата не беше полна како порано, поради ковид-протоколите, сите што беа присутни дома си заминаа среќни.
Организаторот, Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје, и извршниот директор Бобан Јосифоски подготвија едночасовна програма, која во ниеден миг не беше здодевна, благодарение на квалитетните песнички што ги отпеаја 14 талентирани деца и тинејџери, од Македонија и тројца од странство, а и овој пат домаќин на забавата беше Марко Новевски, кој убаво комуницираше со децата, но и самиот уживаше во оваа своја слатка задача.

На најдолговечниот водител на фестивалот, Влатко Илиевски, кој, за жал, веќе не е со нас и кој го водеше фестивалот 10 години, а и самиот првите чекори во музиката ги направил токму на оваа фестивалска сцена, му беше оддадена почит со емитувањето на песната „Сети се на мене “, која тој ја напишал и ја снимил токму за „Златно славејче“. Овој пат ја пееја и децата од хорот, додека на видеобим се редеа слики од неговото учество на Славејчето низ годините.
„Еднаш славејче, секогаш славејче“ е годинашното мото на фестивалот, кој понуди 14 нови певливи рефрени за најмладите, чии текстови се по мера на децата, а музиката мелодична и ритмична, па и најмалите дечиња во публиката играа долу во партерот, а татковците и мајките го забележуваа сето тоа со мобилните телефони.
Момент за паметење беше и мегамиксот од најголемите хитови досега што популарните Дац и Александар ги испеаја заедно со славејчињата, но и со сите во салата. Така, се потсетивме на: „Дувна ветре развигорче“, „За сите деца“, „Градот убав“, „Ах тој Тоше“, „Рингишпил“, „Никола, Никола“…

Се чува наследството на основачите

На оваа манифестација за најмладите сѐ уште се почитуваат високите стандарди што уште на почетокот ги поставија основачите за „Златно славејче“: идејниот творец, композиторот Александар Џамбазов, кој многу години беше уметнички директор на фестивалот, Благоја Јордановски, во тоа време претседател на Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје, и поетот Васил Пујовски, кој се појавил и во улога на водител на фестивалот.

Џамбазов е автор и на двете песнички што се заштитен знак на „Златно славејче“: „Градот убав“ и „За сите деца“, како и на прекрасната „Еј гулаби, гулаби бели“ што ја испеа Билјана Дамјановска и на многу други.
Првото издание на фестивалот, со насловот „Бираме златен глас“, било одржано на 23 мај 1971 година, во Драмскиот театар во Скопје. Биле изведени 25 композиции, а меѓу учесниците биле и Игор Џамбазов и Благој Маротов.
– На „Златно славејче“ настапив двапати, во 1971 и 1973 година. Претходно пеев со Перо Христов на аматерски фестивал во Скопје, каде што ме забележа Александар Џамбазов. Имав 10 години и ме покани да учествувам на „Златно славејче“. Бев прво дете што не е од Скопје, а пее на овој фестивал. Прво ми ја додели песната „Еј гулаби бели“, но само на два дена пред фестивалот, му беше дадена на друго дете, рекоа, по грешка, па така јас морав да ја научам за два дена новата песничка „Деца“. Следниот пат настапив со „Болниот мачор“, на текст на Бошко Смаќовски. И денес кај мене спомнувањето на Златно славејче“ буди убави спомени – ни рече Маротов.
На овој фестивал своите први настапи ги имале повеќе македонски музички ѕвезди, како: Калиопи, Тоше Проески, Симон Трпчески, Ана Дурловски, Давид Темелков, Маја Гроздановска Панчева, браќата Мартин и Стефан од „Некст тајм“…
Познатиот писател Киро Донев исто така се потсети на почетоците на „Златно славејче“.
– Членови на Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје во тоа време бевме и јас и писателот Глигор Поповски, како и Нико Този. Се сеќавам јас ги пишував сценаријата, од она за првото издание, па некаде до 15-то. Првите години водител беше Зафир Хаџиманов. Исто така автор сум и на текстовите на пет-шест песнички испеани на „Златно славејче“, меѓу кои е и „Ај кажи ми братче мое“. Таа година кога на фестивалската сцена застана Тоше Проески, исто така бев сценарист – ни рече писателот Донев, кој уште ја чува статуетката што му била доделена на едно од јубилејните изданија на Славејчето.
За жал, веќе не се пее во живо, во придружба на оркестар како првите 25 години, туку на плејбек, но сѐ уште има убави мелодии што му одолеваат на времето и секоја година понекоја нова песничка им се приклучува на фестивалските хитови. Од поновите тоа е песничката „Кап, кап“, која верувале или не има шест милиони прегледи на Јутјуб.
– Првите два фестивала немаше хор на „Златно славејче“, иако хорот „Развигорче“ веќе постоеше, но кога Запро Запров го презеде хорот во 1974 година, оттогаш тој стана составен дел на фестивалот и имаше огромен придонес за неговиот успех – ни рече во една пригода маестро Александар Џамбазов, кого децата во хорчето го викале „чичко маестро“.

Кој ја отпеа химната на фестивалот „За сите деца“?

Една интересна приказна е поврзана со изборот на интерпретаторот на химната „За сите деца“, чиј автор е исто така Александар Џамбазов, а ни ја раскажа нашиот соработник од Гевгелија, Љубчо Алексовски.
– За фестивалот во далечната 1973 година, организаторите побарале од повеќе познати и признаени учители по музичко од училиштата во целата држава да испратат по една композиција од ученик што има талент за пеење. Тогашниот наставник во ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, Александар Попов, испраќа песна што ја испеал неговиот внук Тодор Попов. Меѓу 24-те изведувачи одбрани за фестивалот се нашол и Тодор, тогаш ученик во петто одделение. Бидејки тогаш така бил редот, примените песни на фестивалот да бидат доделувани според гласовните можности на дечињата, организаторот му ја доделува на Тодор Попов да ја испее песната на Александар Џамбазов, „За сите деца“, на текст на Васил Пујовски. Песната тогаш не освојува награда, но подоцна, се препознаваат нејзините квалитети и таа станува неофицијална химна на сите подоцнежни фестивали „Златно славејче“, песна со која се отвора и се затвора фестивалот. За жал, Тодор веќе го нема, иако музиката сѐ до крајот на животот била негов придружник, но во меморијата на гевгеличани остануваат засекогаш неговиот ведар лик, неговиот глас и свирењето на гитара. А додека живее детскиот фестивал „Златно славејче“, ќе остане да се слуша на почетокот и на крајот на секое издание неговата песна „За сите деца“ – ни откри Љубчо Алексовски.
Којзнае уште колку приказни се поврзани со песните изведени на „Златно славејче“. На некои од нив ќе се потсетиме на свечената академија по повод 50-годишнината на фестивалот „Златно славејче“, на која ќе бидат доделени и признанија и благодарници.
Инаку, песничките за годинашното издание се снимени во студиото „Ентерпрајс“ на Валентино Скендеровски, а веќе е во продажба и новото цеде. Фестивалот се снимаше и дополнително ќе се емитува на неколку национални телевизии.


Перо Миленкоски: Славејчето подари песни за сите деца

Јубилејното издание го следеше и поетот Перо Миленкоски, кој на овој фестивал низ годините е застапен со 80 песни.
– Денес сите сме возбудени и восхитени. Јас сум во оваа сала, а чинам дека се наоѓам во една волшебна цветна градина каде што се точи нежниот глас на илјадници славејчиња. Таа цветна градина се вика Македонија, а песните на славејчињата, еве, веќе 50 години ги милуваат не само нашите срца туку и срцата на децата од целиот свет. Нека е честит големиот јубилеј. И денешниве нови 14 композиции се продолжение на досегашниот континуитет – на најмладите да им се понуди певлива детска песна. Слушајќи ги изведувачите се навратив во минатото и си спомнав на многубројните композитори, поети и аранжери, кои со љубов се вградија во растежот на оваа музичка манифестација, позната не само кај нас туку и во светот. Затоа распеаната река нека тече жуборливо, без сопир – вели Миленкоски.