Сѐ поголем е интересот за учество на децата со посебни потреби од Дневниот центар во Кавадарци во едукативните работилници што веќе неколку години редовно ги организира Музеј-галеријата од овој град. Така беше и деновиве на реализацијата на последниот едукативен проект „Работилница за едукација, популаризација и презентација на археолошкото културно наследство“ што се одржа во просториите на центарот.

– Најмногу преку игра, цртање, смеа и весела атмосфера децата учеа и се запознаваа со археолошките предмети од различни временски период, при што изненадува колку голем интерес и креативност регистриравме кај некои од посетителите на работилницата – вели Весна Ѓорѓиева, директорка на Музеј-галерија и раководителка на проектот.
Искуството на ангажираните во проектот покажува дека во овие летни горештини, кога движењето надвор е ограничено, ваквите работилници претставуваат вистинско освежување и голема радост кај децата од дневниот центар.

Стручниот тим составен од: дефектологот Ана Камчева, педагогот Весна Дуброва и психологот Магда Пашоска од Дневниот центар како и кустосите Билјана Галабова и Трајче Цветков од Музеј-галеријата посветено работат на овие едукативни работилници, што секогаш се организираат на различни и интересни локации, со што се дополнува едукативната порака што треба да стигне до децата со посебни потреби во Дневниот центар во Кавадарци. Ми. М.