На страниците на „Колибри“ ги објавуваме расказите на седумте учеснички на тукушто завршената работилница за креативно пишување „Остани дете, стани писател“, на издателството „Икона“. Творбите на кои работеа Амелиа, двете Јани, Екатерина, Марија, Мелина и Евгенија, на возраст од 7 до 14 години, под менторство на познатиот македонски писател Александар Прокопиев, наскоро ќе се најдат и собрани во книга

Во моето одделение има девојче по име Изабел. Таа е многу злобна, исто како вештерка. Таа за најмала работа бара да ѝ го дадеш најзначајното нешто.

Еден ден кога бев во училишниот тоалет, ја видов Изабел како се преобразува во получовек-полуоктопод. Тогаш бев многу зачудена, како пред мене да се појави лик од бајка. Како лик од ноќни мори. Кога ја допрев водата, јас се преобразив во сирена. Се чувствував прекрасно. И да, овде започна мојата бајка. Се состоеше од два лика, малата Сирена и злобната Урсула. Овде започнаа и сите мои животни авантури. Сѐ започна кога бев бебе. Мојот татко беше кралот на морето, Дирс, а мојата мајка беше кралицата на морето, Асра. Тие беа многу добри родители. Но сепак овде се најде и злобната Урсула, која сакаше да ме земе. Па затоа нејќев да излезам од дворецот. И да, заборавив да ви кажам дека живеев под морето. И да, да не ги заборавиме моите другари Рибата, Ракот и Галебот.

Кога веќе наполнив единаесет години, го пребродив стравот и почнав да излегувам од дворецот, но не многу далеку. Само во најблиската околина. Таму собирав школки и си играв со моите пријатели. Еден ден видов еден човек како се дави. Во тој момент помислив дека тој е принц и отидов да му помогнам. Бидејќи човекот сѐ уште беше при свест, дознав дека тој е само еден обичен риболовец. Јас видов дека е добар човек и му ги кажав сите мои тајни.

Откога си отидов, забележав дека тој влегува внатре во морето и се зачудив. Почнав да го следам. Видов дека отиде кај Урсула и дека ѝ кажа сѐ што му кажав јас пред малку. Тогаш едни од стражарите ме забележаа и ме одведоа кај Урсула. Бидејќи знаев дека ќе се случи нешто лошо, одлучив да земам еден од напитоците на Урсула и да го фрлам врз неа и врз рибарот. Откога го фрлив напитокот, тие се претворија во мали риби и си отидоа. Во тој момент нешто почна да ме тресе, како некој да ме буди од длабок сон. И да, тоа беше мојот татко, тој ме разбуди. Во тој момент сфатив дека ова било само еден сон. Само еден долг, застрашувачки сон.

Марија Масевска