Како го поминуваат летото децата на нашите иселеници – Миа, Ана и Ема Талеви

Овие прекрасни мали креативни девојчиња порачуваат летниот распуст да се искористи и за читање, освен за уживање. Најголемата придобивка од престојот дома периодов за нив е можноста преку телевизискиот проект „Бушава азбука“ да ја научат кирилицата, така што сега можат да читаат книги и на македонски јазик

Летото, омиленото годишно време на децата, е време за уживање, за откривање нови нешта, но и за нурнување во светот на имагинацијата. Токму така го минуваат времето и трите сестрички, Миа, Ана и Ема Талеви, кои имаат македонско потекло, а живеат во Швајцарија.

Среќни се што со помош на телевизискиот проект „Бушава азбука“ научија кирилица, па сега читаат и на македонски, а периодов со семејството ги откриваат убавините на Хрватското Приморје. Но да тргнеме по ред.

Семејството Талеви се британски државјани со потекло од Македонија, кои од пред три години живеат во Хам, Швајцарија. Тие се сопственици на фирма за дизајн, па во периодот во кој живееме за време пандемијата на коронавирусот, кога условите не дозволуваат многу да се патува, одлучија да летуваат на острови каде што има многу малку туристи, како што Шолта и Мљет во Хрватска.

Кога посакавме со неколку збора да го опишат нивното семејство тие ни рекоа дека ги краси авантуристички дух, дека сакаат предизвици и природа, домашна кујна и патувања. Играта, пливањето и нуркањето оваа лето се на врвот на нивната топ-листа, потоа ловењето риба и правењето песочни фигури на животни и сето тоа проследено со слушање добра музика. Нивно мото е: „Работи напорно и секојдневно инвестирај во себе!“ Освен мајчиниот македонски јазик, Миа, Ана и Ема зборуваат и англиски, германски и од скоро швајцарско-германски јазик.

Миа има 9 години, многу сака да чита книги, особен интерес има за астрономија и калиграфија, сака и математиката и тоа геометријата, свири пијано, многу добро скија и игра тенис. Ана има 7 години обожува да црта и да експериментира, особено во менувањето на формата и бојата. Танцувањето е нејзината најдобра страна, но ја сака и математиката. Гитарата е нејзиниот инструмент, а најчесто велосипедот е нејзиниот прв избор во игрите на отворено. Ема има само 6 години и убава можност да учи од своите постари сестри. Таа е вистински борец, а нејзина одлика се љубопитноста и храброста да се испроба во сѐ. Многу сака да плива и да скија, но и да вози ролерки. Кулинарството уште сега за неа претставува интересен предизвик, па затоа често сака да ѝ помага на мајка си во кујната.

Овие летни денови на островите Шолта и Мљет ја користат можноста да го усовршат скокањето во вода и да научат уште понекоја лекција за добро нуркање, стоење на раце во вода и откривање на подводниот свет. На Мљет најчест избор за нивните песочни фигури се животните како зајаче, желка, верверица, був, мече или пеперутка, а најинтересна игра им е да се претвораат во мали сирени. Бидејќи се три секогаш можат да играат разни игри како што се: микадо и уно, а малата Ема најчесто ја користи можноста креативно да се изрази преку цртеж и боички.

Овие прекрасни мали креативни девојчиња порачуваат летниот распуст да се искористи и за читање, освен за уживање. Најголемата придобивка од престојот дома периодов за нив е можноста преку телевизискиот проект „Бушава азбука“ да ја научат кирилицата, така што сега можат да читаат книги и на македонски јазик.