„Јон“ електронски ќе ги проследува грижите поднесени од граѓаните во извештаи, за понатаму да ги разгледува романската влада

Романскиот премиер Николае Чука неодамна го изненади својот владин кабинет со тоа што претстави негов нов член што е целосно управуван со вештачка интелигенција. Чука им го претстави новиот „почесен советник“ наречен „Јон“ на другите негови министри, со лице и зборови што се појавија на дигиталниот екран, одговарајќи на инструкциите на премиерот заедно со компјутеризиран глас.
– „Јон“ беше развиен од романски истражувачи и ќе користи вештачка интелигенција за „брзо и автоматски да ги долови мислењата и желбите“ поднесени од романските граѓани – изјави премиерот Чука.
Тој истакна дека станува збор за првиот владин советник што користи вештачка интелигенција и на национално и на меѓународно ниво.
Романците ќе можат да ги испратат своите идеи преку придружната веб-страница (ion.gov.ro), како и на социјалните медиуми и на некои локации лично. „Јон“ потоа ќе ги проследи електронски нивните барања до владата, за таа потоа да ги разгледа, според Нику Себе, координаторот на истражувачкиот тим.
Корисниците сепак нема да добијат одговор од самиот „Јон“. Наместо тоа, министерот за истражување и иновации Себастијан Бурдужа, чија канцеларија го надгледува проектот, објасни дека „Јон“ ќе ги анализира информациите што ги добива и ќе подготвува извештаи за приоритетите на Романците.
Чука ги повика граѓаните и владата да гледаат на учеството во проектот не како опција, туку како „обврска“ да се обезбеди „блиска и навремена“ комуникација. Но Крис Шришак, технолошки соработник во Ирскиот совет за граѓански слободи, рече дека оваа технологија треба да се користи со претпазливост, поставувајќи прашања за тоа како „Јон“ ќе избере што смета дека е приоритет од пораките што ги добива.