Турнејата на претставникот на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи низ Европа, во која тој се сретна со низа релевантни политичари од висок формат во европските држави, вклучувајќи и со високи претставници на институциите на Европската Унија, во својата суштина имаше силен атрибут на – мировна мисија! Во рамките на залагањата и конкретните чекори на Кина во контекст на прекин на воениот судир меѓу Украина и Русија, како и постигнувањето мир меѓу завојуваните страни и воопшто деескалација на тензиите во Источна Европа, претставникот на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи во фокусот на својата мировна мисија ја имаше целта да ја образложи и да најде заеднички јазик за платформата за постигнување мир, презентирана неодамна од Министерството за надворешни работи на Кина, што претставуваше прв конкретен, јасен и прецизен концепт за мировно решение на проблемот што станува глобален.

Динамична и плодна мировна мисија низ европските центри

За потсетување, на 25 мај специјалниот претставник на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи оствари разговори во Брисел со шефот на кабинетот на претседателот, Шарл Мишел, шефот на Европскиот совет, Фредерик Бернард, и со заменик-генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Енрике Мора. Двете страни разменија мислења за политичко решавање на украинската криза, односите меѓу Кина и Европа и други прашања.
Претходно во Варшава претставникот на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи се сретна со заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Војчех Гервел, кој го поздравил неодамна започнатиот дијалог меѓу Кина и Украина. Според полското министерство за надворешни работи, кинескиот дипломат истакнал дека судирот и развојот на ситуацијата во Украина не е во ничиј интерес. Полското министерство соопшти дека амбасадорот Ли изјавил дека Кина е силно против употребата на нуклеарно оружје, укажувајќи на важноста што Кина ја придава на нуклеарната безбедност и одржувањето на мандатот на меѓународните организации.
Понатаму, во Германија претставникот на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи се сретна со државниот секретар на германското министерство за надворешни работи Андреас Михаелис, при што меѓу другите прашања биле разменети мислења за политичко решавање на украинската криза и односите меѓу Кина и Германија.
Ли Хуи во Париз разговараше со генералниот директор за политички и безбедносни прашања во француското министерство за надворешни работи Фредерик Мондолони. Потсетувајќи се на успешната посета на претседателот Емануел Макрон на Кина минатиот месец и позитивните резултати што ги даде, Ли Хуи рече дека двете страни треба да ги следат важните заеднички разбирања постигнати меѓу двајцата шефови на држави, континуирано да ја продлабочуваат практичната соработка на различни полиња, да одржуваат блиска комуникација и координација за главните меѓународни прашања.

Разговори и со руски и со украински претставници на највисоко ниво

На 26 мај 2023 година, специјалниот претставник на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи беше во посета на Русија и имаше состаноци и разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Двете страни разменија мислења за односите меѓу Кина и Русија, како и за политичкото решавање на украинската криза.
Со оваа посета на Москва, специјалниот претставник на кинеската влада за евроазиски прашања Ли Хуи ја заокружи својата десетдневна европска турнеја што ја започна со посетата на Украина на 16 и 17 мај. За време на посетата на Киев, Ли разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и претставници на украинските министерства за инфраструктура, енергија и одбрана. Двете страни се согласија дека неодамнешниот телефонски разговор меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и Зеленски ја посочил насоката за развој на кинеско-украинските односи. За време на разговорите, Ли ја образложи позицијата на Кина, која повикува на политичко решавање на украинската криза.
Мировната мисија на Пекинг имаше извонредно позитивен импакт во светот и со својата содржина и форма го трасираше патот, кој и инволвираните страни во воениот судир и другите држави во светот треба да го следат заради постигнување на толку посакуваниот мир, почитување, соработка и просперитет.