Спортистите и посетителите од целиот свет беа воодушевени не само од спектаклот на спортскиот настан туку и од напредните технологии и еколошки објекти во градот домаќин / Фото: ЕПА

Бирото за наука и технологија во Ченгду потврди дека повеќе од 170 високотехнолошки производи се распоредени на над 30 локации за да понудат технолошка поддршка за организирање, учество и следење на настаните, пренесе „Глобал тајмс“

Со универзијадата во градот Ченгду, светот го препозна и високотехнолошкиот зелен развој на Кина

Кога неодамна започнаа 31. летни светски универзитетски игри ФИСУ, спортистите и посетителите од целиот свет имаа чест да посведочат не само на спектаклот на спортски настани туку и на напредните технологии и еколошки објекти во градот домаќин Ченгду, кој е главен град на провинцијата Сечуан во југозападна Кина. Од роботи тренери за пинг-понг, кои им помагаат на спортистите да тренираат, и системи за следење на концентрацијата на јаглерод диоксид во затворени простории на местата на одржување на настаните до новоенергетските паметни автомобили на патиштата, Ченгду на игрите ги прикажа најновите напредни технологии во широк опсег на области и неговите достигнувања во зелен висококвалитетен економски развој.
Паметната универзијада е важен концепт за игрите во Ченгду. Откако започнаа подготовките за универзијадата, технолошките елементи станаа главна карактеристика, се наведува во соопштението на општинското биро за наука и технологија во Ченгду, испратено до „Глобал тајмс“. Според бирото, повеќе од 170 високотехнолошки производи се распоредени на над 30 места за да понудат технолошка поддршка за организирање, учество и следење на настаните.

Чекор напред во иновациите

Како главен град во југозападна Кина, Ченгду направи чекори во промовирањето научни и технолошки иновации и висококвалитетен развој во последниве години. Градот, кој е дом на 65 високообразовни институти и повеќе од 30 истражувачки институции на национално ниво, забележа пораст на вкупните трошоци за истражување и развој за 16,9 отсто во изминатите пет години, а неговото рангирање во глобалниот индекс на иновации се искачи за 27 места, на 29-то, според официјалните податоци. Во 2022 година бројот на високотехнолошки фирми во градот се зголеми за 45,5 отсто на годишно ниво, на 11.500. Многу локални технолошки фирми се длабоко вклучени во одржувањето на универзијадата.
„Зелената“ универзијада е уште една главна карактеристика на игрите во Ченгду. Градот домаќин презеде низа мерки за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, вклучувајќи и надградба на 36 постојни места за да се исполнат барањата за заштита на животната средина и изградба на 13 места што ги исполнуваат високите национални стандарди, покажаа официјалните податоци. Покрај тоа, повеќе од 90 отсто од превозот помеѓу олимпиското село и локациите на одржување на настаните ќе се вршат со возила со нова енергија, како и целиот превоз во рамките на Олимпиското село.

Универзијадата дополнително го зајакна глобалниот углед на градот

Да се биде иновативен, зелен и отворен се клучните карактеристики на стремежот на Кина за висококвалитетен развој, а Ченгду, како град од прво ниво во развој, е на чело на тие стремежи. Понатаму, универзијадата му нуди на Ченгду не само сцена за прикажување на достигнувањата на градот туку и можност дополнително да го забрза неговиот стремеж кон висококвалитетен развој, велат експертите.
– Во однос на развојот во централниот и западниот регион на земјата, на Ченгду му оди многу добро. Покрај тоа, градот ужива голема поддршка од националната политика во продолжување на похраброто отворање, што може да помогне да се изгради Ченгду во нов модел на висококвалитетен развој – порача Тијан Јун, економист од Пекинг, за „Глобал тајмс“.
Тијан истакна дека многу високотехнолошки фирми, привлечени од зголемениот профил на Ченгду и јасните предности, се преселиле во градот во последниве години, а универзијадата дополнително го зајакна глобалниот углед на градот.