Три дена по изборната победа на Ердоган во мај, Турција и ОАЕ потпишаа трговски договор, потенцијално вреден околу 40 милијарди долари во следните пет години - Фото: ЕПА

Турскиот претседател беше во посета на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Катар. Четирите држави, кои некогаш важеа за големи непријатели, неодамна станаа сојузници

Комплицираната врска на Турција и државите од Персискиот Залив

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неодамна беше во тридневна посета на земјите од Персискиот Залив: Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). За време на својата посета, турскиот лидер имаше цел да склучи договори од повеќе милијарди долари што би можеле да вклучат сè, од приватизација на турските државни средства до директни инвестиции, договори за одбранбената индустрија и деловни набавки.
Високи турски претставници изјавија за новинската агенција „Ројтерс“ дека се надеваат дека ќе потврдат директни инвестиции од околу 10 милијарди долари од земјите од Персискиот Залив веднаш по посетата на Ердоган, а потоа меѓу 25 и 30 милијарди долари вкупно во подолг временски период. Финансиските аспекти на претседателската посета се особено важни за Турција, чија економија е под силен притисок. Така, по реизборот на Ердоган во мај, подобриот однос со богатите земји од Персискиот Залив се смета за суштински за зајакнување на економијата и зацврстување на неговото лидерство.
Заливските земји богати со нафта веќе помогнаа да се реши тековната девизна криза во Турција, барем на краток рок, со директни договори за размена на валути и со директно депонирање пари на турските државни сметки. Катар и ОАЕ ѝ обезбедија на Турција договори за размена на валути во вредност од околу 20 милијарди долари. Во март Саудиска Арабија депонираше пет милијарди долари во централната банка на Турција за да помогне во зајакнувањето на економијата.
Но, не беше отсекогаш така. Пред само три години, Турција и Саудиска Арабија беа зафатени со меѓусебно бојкотирање на увозот и блокирање на медиумите. Турција има долги и сложени односи со своите богати соседи на југ и тие преминаа од ривалство, преку детант, до прекин на сите врски и сега, од неодамна, повторно се вратија на попријателски темели.

Брак од интерес со Катар

Од трите држави, Турција има најдобри односи со Катар, кој е нејзин сојузник околу една деценија. Во 2014 година Турција застана на негова страна за време на првата сериозна дипломатска криза во малата земја од Персискиот Залив. Тогаш Катар беше изолиран од неговите поголеми соседи Саудиска Арабија и ОАЕ поради горчливите разлики во мислењата околу пристапите во надворешната политика. Дипломатскиот конфликт се влоши и земјата беше блокирана од воздух, копно и море помеѓу 2017 и почетокот на 2021 година. Турција испраќаше храна, вода и лекови и продолжи да се усогласува со Катар до таа мера што таму стационира турски војници. Доха ѝ се оддолжи на Анкара со тоа што ја поддржуваше на меѓународната сцена на пример, така што ја поддржа во Арапската лига, и со големи финансиски инвестиции во земјата. Катарските инвестиции во Турција се зголемија за 500 отсто меѓу 2016 и 2019 година.
Идеолошките и политичките мотивации често му се припишуваат на катарско-турскиот однос, но всушност тоа е „брак од интерес“, напишаа истражувачите од аналитичкиот центар „Клингендал“, со седиште во Хаг, на брифингот во 2021 година. Турската воена самоувереност „му ја дава на Катар потребната заштита за одржување автономна надворешна политика што може да го издржи притисокот на Саудиска Арабија и Емирати“, објаснуваат тие. За Турција, партнерството со Катар е начин Анкара да ја промовира „својата мека моќ за лидерство во сунитскиот свет“.

Финансиско пријателство на ОАЕ

Обединетите Арапски Емирати презедоа поумерен пристап. Дипломатските односи со Турција беа исто така многу затегнати кога Турција застана на страната на Катар во дипломатската криза меѓу земјите од Персискиот Залив. Но, од крајот на 2021 година, бидејќи Катар беше добредојден повторно во дипломатското јадро на земјите од Заливот, Турција исто така имаше можност да поттикне сè попозитивен однос со поранешните антагонисти Саудиска Арабија и ОАЕ.
Три дена по изборната победа на Ердоган во мај, Турција и ОАЕ потпишаа трговски договор, потенцијално вреден околу 40 милијарди долари во следните пет години. Поверојатни се и одбранбената соработка и продажбата. Кон крајот на 2022 година, ОАЕ размислуваа за купување до 120 турски дрона „бајрактар TБ2“, за кои се проценува дека чинат околу пет милиони долари поединечно. Дваесет дрона беа доставени до ОАЕ лани во ноември.

Врска со подеми и падови со Саудиска Арабија

И покрај долгогодишното ривалство, најлошото непријателство донекаде исчезна во текот на изминатата година. Саудиска Арабија, како најголема поединечна економија меѓу земјите од Персискиот Залив и една од најбогатите нации во светот, има релативно недоразвиени економски односи со Турција и тоа претставува значителна можност за двете земји. Трговијата на Ријад со Анкара порасна најбрзо од сите земји од Заливот. Во 2022 година, трговската размена меѓу двете држави изнесуваше 6,5 милијарди долари. Во првите шест месеци од 2023 година, билатералната трговија веќе изнесуваше 3,4 милијарди долари, објави турската државна новинска агенција „Анадолија“. Во јуни, новинската агенција „Блумберг“ забележа дека државната нафтена компанија на Саудиска Арабија, „Сауди арамко“, се сретнала со околу 80 различни турски фирми во Анкара, за да работи на потенцијални проекти вредни 50 милијарди долари во следните пет години.
Аналитичарите веруваат дека турскиот одбранбен сектор во развој може да биде од интерес и за Саудијците. Тие сè уште не купиле ниту еден од дроновите „бајрактар“ во земјата, но можеби се заинтересирани. Исто така беше предложено дека турската војска, со својата модерна морнарица, би можела да преземе работни места како што е патролирање на бродски маршрути за нафта.