Изградбата на објектот ќе помогне Венчанг да прерасне во космодром од светска класа

Во Хајнан целосно ќе се искористи новата локација на објектот за да се воспостави цел синџир на вселенска индустрија што покрива ракети носачи, сателити и фирми за обработка на податоци, пренесува Џао Леи за „Чајна дејли“

Првиот кинески космодром за комерцијални мисии во вселената неодамна започна со изградба во Венчанг, крајбрежен град во провинцијата Хајнан, соопшти провинциската влада. Проектот е заедничко вложување на властите во Хајнан и три државни вселенски конгломерати: Кинеската корпорација за вселенска наука и технологија, Кинеската корпорација за вселенска наука и индустрија и Кинеската групација за сателитска мрежа, се вели во соопштението на провинциската влада.
Говорејќи на свечената церемонија за почеток на изградбата во Венчанг, Фенг Феи, гувернерот на провинцијата, рече дека Хајнан целосно ќе ја искористи новата локација за лансирање за да воспостави цел синџир на вселенска индустрија што покрива ракети носачи, сателити и фирми за обработка на податоци. Тој рече дека објектот ќе помогне Венчанг да прерасне во космодром од светска класа. Во Хајнан веќе постои комплекс за лансирање, како што е Центарот за вселенско лансирање, но како и другите три постојни центри за лансирање во Кина, во Џиукван, Таијуан и во Сичанг, тој е управуван од централната влада и првенствено е задолжен да им служи на државните програми како што се истражувања на Месечината и вселенските летови со екипаж.

Провинциската влада има намера да ја направи новата локација водечки систем за лансирање што ќе биде целосно комерцијално управуван, така што ќе може да го поддржи долгорочниот раст на комерцијалната вселенска индустрија во земјата, се вели во соопштението. Во Кина, комерцијалната вселенска мисија генерално се однесува на вселенска активност што ја плаќа друг ентитет, освен кинеска влада или воен оддел.
– Постојните центри за лансирање управувани од Владата се добро развиени, но тие не можат да одговорат целосно на зголемените барања од комерцијалниот вселенски сектор и не е невообичаено дури и мисија доделена од Владата да се најде на листата на чекање на тие локации – рече Ху Шенгјун, висок дизајнер на ракети во Кинеската корпорација за вселенска наука и индустрија.
Секој од центрите има само една до две сервисни кули способни да лансираат ракетни носачи и важните државни мисии како летови со екипаж секогаш имаат приоритет, рече тој.