Во доцниот успех на веќе претходното француско претседателство со Европскиот совет, преговарачите од Европскиот парламент и од Европскиот совет се договорија да ги прошират правилата за информациите што ги придружуваат трансферите на средства во криптовалути, вели Јанос Аленбах-Аман за „Еурактив“

Властите во борба против измами и недозволени активности

Доколку договорот биде потврден од Европскиот парламент и од владите на земјите-членки, оваа регулатива ќе воведе обврска за давателите на услуги во криптосферата да собираат информации за своите клиенти и да ги направат достапни за властите. Ова треба да им помогне на властите во борбата против перењето пари и финансирањето недозволени активности.

Спречување на перењето пари и измами

Оваа нова регулатива ја зајакнува европската рамка за борба против перење пари, ги намалува ризиците од измама и ги прави криптосредствата побезбедни“, како што порача членот на Зелените во Европскиот парламент, Ернест Уртасун. Асита Канко од десничарските европски конзервативци и реформисти рече дека „премногу долго криптосредствата беа надвор од радарот на европските органи за спроведување на законот“.

Во криптосферата владеат пирамидални измами во кои некои рани движечки сили, луѓе со внатрешни информации или бесрамни измамници, заработија многу пари на штета на подоцнежните инвеститори и неинформираните граѓани, кои се обидуваа да учествуваат на атрактивниот криптопазар. По долгогодишно немање контрола врз криптосферата, оваа регулатива е дел од општиот потег на регулаторите да почнат да ја сфаќаат сериозно и да ја регулираат како и секоја друга финансиска услуга. Само половина ден по постигнувањето на договорот за регулативата за трансфери, парламентарната комисија за економија усвои необврзувачка резолуција со која ја повикува Европската комисија да процени како може да се оданочуваат криптосредствата и да се увери дека тоа соодветно ќе биде направено.

Каков вид иновација?

Промоторите на криптовалутите се пожалија дека регулативата за трансфер ќе ја уништи анонимноста или псевдонимноста во која уживаа актерите во криптосекторот. Покрај тоа, тие тврдеа дека регулативата ќе ги задуши иновациите, понекогаш одеа толку далеку во нивните критики што прибегнуваа кон целосно вознемирување на вклучените европски пратеници. Прашањето е каква иновација би можела да биде задушена од дополнителните барања за транспарентност или повеќе регулативи, воопшто.

Биткоинот беше пуштен во функција во 2009 година, а 13 години подоцна, по милијарди инвестирани долари и огромни количества потрошена енергија, криптосекторот допрва треба да излезе со иновација што е блиску до револуционерниот потенцијал што си го припишува. Иако тргувањето со криптовалути сигурно направи некои луѓе да се збогатат, воопшто не е јасно дали обезбеди дополнителна социјална вредност во споредба со обичното коцкање на интернет.
Со оглед на акутната криза на цените на енергијата, тековната климатска криза и недостигот од ресурси, не е јасно зошто криптосферата, на која ѝ треба многу компјутерски хардвер и троши повеќе енергија од некои земји-членки, треба да се остави непречено да работи. Земајќи го ова предвид, регулаторните граници поставени од европските надзорни тела и тековниот пад на цените на криптовалутите може да се земат како можност за криптосферата да размислува како да создаде вистинска вредност за општеството, без да се потпира на нетранспарентни зделки или шпекулативни меури, и можеби дури и на енергетски поефикасен начин.
Европската парламентарна комисија за економија, пак, има своја идеја како да се искористи потенцијалот на блокчејнот, технологијата што е основа за голем дел од криптоекосистемот. Во својата резолуција, комисијата сугерираше дека технологијата на блокчејн може да се користи за поефикасно собирање даноци. Меѓутоа, друго прашање е дали ова се усогласува со слободарскиот дух на првите криптопионери.