Авиокомпаниите и аеродромите сè уште се обидуваат целосно да го зголемат персоналот, поради што се јавува доцнење и откажување на летовите

Со тоа што сè почесто доцнат и се откажуваат летовите, авиосообраќајот и натаму ќе продолжи да им создава главоболки на патниците, истакнува Тери Нгуен за „Вокс“

Силни критики за авиоиндустријата

Авионските патувања во моментов им предизвикуваат многу проблеми на патниците и се очекува овој тренд да се задржи во текот на целата летна сезона, а веројатно ќе трае и до крајот на годината. Патната индустрија, особено авиокомпаниите се борат со недостиг од персонал од минатата година, а се соочија со тешкотии како да се справат со бранот патувања за летните и зимските одмори во 2021 година. Авиокомпаниите и аеродромите, како домашни така и меѓународни, сè уште се обидуваат целосно да го зголемат персоналот, поради што многу често се јавуваат одложувања на летовите.
Во текот на последниот викенд од јуни, стотици летови, домашни и меѓународни од САД беа откажувани секој ден, според информациите на „Флајт авер“, додека илјадници беа одложени. Стапките на одложувања (20 отсто) и откажувања (3,5 откажувања) се невообичаено високи во споредба со претходните години, со исклучок на 2020 година. Минатата година, директорите во авиоиндустријата за ваквите непријатности ги обвинуваа лошото време и недостигот од работна сила – небулозна фраза што нуди мало објаснување зошто авиокомпаниите не можат да повикаат назад десетици илјади клучни работници.

Паднаа маските во авионите

Во април, американската влада ја укина мерката за задолжително носење маски за патниците и членовите на екипажот. Многу стјуардеси изразија олеснување за оваа промена во политиката, иако намаленото носење маски може да доведе до повеќе инфекции со ковид-19 меѓу членовите на екипажот, што потенцијално ќе го влоши недостигот од персонал. Ниту една американска авиокомпанија јавно не пријави зголемени инфекции со ковид-19 меѓу персоналот откако мерката беше укината, но „Изиџет“, нискобуџетната европска авиокомпанија, откажа стотици лета во март и април поради забележани „повисоки нивоа на инфекции кај персоналот“, поради новиот бран на зарази со ковид-19 во Европа.

Недостиг од пилоти

Аеродромите и авиокомпаниите успеаја да вратат повеќе безбедносни агенти, работници на теренот и членови на екипажот од 2021 година, но најитниот проблем се чини дека е намалениот број на достапни пилоти. Недостигот од пилоти се предвидуваше уште од 2018 и 2019 година, но пандемијата го забрза проблемот, бидејќи илјадници постари пилоти го откупија својот стаж кога авиокомпаниите ја намалија својата работна сила во 2020 година. Помеѓу 5.000 и 7.000 нови пилоти добиваат лиценца за летање секоја година, објави „Еј-би-си“, но американските авиокомпании се надеваа дека ќе се зголеми бројот на најмалку 13.000 пилоти оваа година. Некои авиокомпании, исто така, моментално се во процес на преговарање за нови договори со нивните здруженија на пилоти.

И лошото време одложи многу летови

Лошото време, исто така, беше причина за колапс во авиосообраќајот. За да може сите работни операции да течат по строго утврден план, авиокомпаниите можеби не располагаат со доволно персонал за распоредување кога непредвидливото време бара од нив да го сменат распоредот. Според прописите на Федералната управа за воздухопловство (ФАА), на членовите на екипажот исто така не им е дозволено да работат прекувремено или да го надминат поставениот максимален број работни часови дневно. Доцнењата може да се должат токму на овој проблем, а како резултат на тоа, потенцијално се намалува бројот на персоналот што е достапен за работа. Ова е причината зошто некои превозници се одлучија да суспендираат одредени линии и да ги исклучат летовите од нивниот летен распоред.

Високи цени

Авиокомпаниите во просек сè уште летаат помалку дневни летови отколку во 2019 година, иако патувањата се вратија на нивоата пред пандемијата. Ова значи дека патниците имаат помалку опции, но најверојатно ќе платат повеќе за нивните летови поради зголемената побарувачка. Цените на авионските билети се зголемени за 37,8 отсто во мај во споредба со истиот период во 2021 година, според индексот на трошоците за живот. Откако изби конфликтот во Украина во февруари, цената на авионското гориво исто така се зголеми. „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на податоци од апликацијата за резервации на летови „Хопер“, објави дека просечната домашна авионска карта во март била 330 долари, што е зголемување од седум отсто во однос на 2019 година. Политичарите почнаа да ја повикуваат администрацијата на Бајден да изврши притисок врз авиокомпаниите, за кои некои веруваат дека резервираат премногу летови што не можат да ги спроведат. Сенаторот Берни Сандерс го повика Министерството за транспорт да ги казни превозниците со 55.000 долари по патник „за секое откажување на летот за кое знаат дека не е доволно покриено со кадар“.
Патниците сигурно можат да платат повеќе за подобро патување, но без разлика дали летаат во прва класа или економска, никој не е имун на доцнењето или откажувањето. Парите ги олеснуваат работите, особено бидејќи авиокомпаниите секако ги интересира заработката од нивните клиенти макар и за најмали погодности, како избор на седишта или пријавена торба. Без оглед на тоа, воздушниот сообраќај веројатно ќе биде цел на силни критики и во блиска иднина.