Шведскиот град Умеа се грижи за жителките чии потреби обично се занемаруваат во урбанистичкото планирање и градските политики

Според експертите, урбанистичкото планирање што ги задоволува потребите на жителките придонесува за поправедни и позелени градови, пренесува Џована Кои од „Политико“

На прв поглед, нема ништо невообичаено во паркот „Орштидернас“ и летниковците, кои се популарно место за дружење за студентите што се собираат таму во вечерните часови. А, сепак, секој детаљ на летниковците е посебно дизајниран за да одговара на потребите на тинејџерките. Местата за седење се приспособени на просечната висина на тинејџерка, а структурата е лоцирана во прометна област на паркот за да се погрижи младите жени да се чувствуваат безбедно, истакна Аника Дален, урбан стратег и службеник за родова еднаквост во шведскиот град Умеа. Тие детали потекнаа од самите млади жени, кои учествуваа на работилници за да помогнат во дизајнот на проектот што е дел од поголемиот напор на урбанистите за редизајнирање на Умеа за да се грижи за жителките чии потреби обично се занемаруваат во урбанистичкото планирање и градските политики.
Традиционално, градовите се планирани од и за мажи низ историјата, па сè до ден-денес. Ефектите од таа нерамнотежа се очигледни во градовите насекаде, од лошо осветлени подвозници и паркинзи каде што жените, веројатно, се чувствуваат небезбедни до населби со возен ред на јавниот превоз што не одговара на распоредот на жените, кои обично вклучуваат повеќе одговорности поврзани со грижа. Во шведска Умеа, службениците за родова еднаквост, Аника Дален и Линда Густафсон, ги разгледуваат одлуките за урбана политика и планирање, од дизајнот на нови паркови и станбени комплекси до нови велосипедски патеки, за да се осигурат дека тие исто така им служат на потребите на жените што ќе ја користат инфраструктурата. Придобивките од овој нов пристап во урбанистичкото планирање помага да се создаде чувство на припадност и безбедност.

Жените во преден план

Умеа има предност кога станува збор за редизајнирање на градовите за жени. Од 1978 година, комитетот за родова еднаквост ги разгледуваше политиките на градската администрација од родова перспектива. Родовата еднаквост е исто така клучна карактеристика на долгорочното планирање на градот, во кое тој се обврзува да создаде услови за жените и мажите да имаат иста моќ да ги обликуваат општеството и сопствениот живот. Тоа значи дека службениците за родова еднаквост се сметаат од клучно значење за работата на градот. Пристапот на Умеа го привлече вниманието на урбанистите и политичарите низ Европа, а во 2019 година градот беше избран за водечки партнер во мрежата „Родово надворешно уредување“ организирана од УРБАКТ, програмата финансирана од Европската Унија.
Но градот, исто така, сака да служи како пример и да ги поттикне другите да преземат акција. Од 2009 година, Умеа нуди тура со автобус за да се посетат неговите најуспешни иницијативи. Тоа вклучува пешачки подвозник долг околу 150 метри што го поврзува центарот со станбената населба Хага, веднаш зад централната станица. Жените изјавиле дека се чувствуваат небезбедно во стариот тунел, кој бил „тесен, темен и многу стрмен, што исто така го отежнувало движењето со инвалидска или бебешка количка. Новиот подвозник е широк и добро осветлен, а другата страна на тунелот е видлива од влезот и посетителите можат да поминат преку дополнителен излез на половина пат доколку не се чувствуваат безбедно. Ѕидовите се украсени со уметност и цитати од шведската авторка Сара Лидман. Други иницијативи, како училиште преименувано по Маја Бесков, една од првите учителки во Умеа, или пешачки премини означени со сини предупредувачки знаци што прикажуваат и маж и жена, се помалку забележливи, но имаат цел да ги направат жените повидливи во градот.

Позелен град

Дизајнирањето урбани простори за жени бара критичко размислување, креативност и имагинација. Ваков вид одлучување исто така ќе биде клучен за намалување на штетните емисии и приспособување на климатските промени. На глобално ниво, жените, особено во посиромашните домаќинства, се поранливи на влијанијата на климатските промени. Тие, исто така, имаат тенденција да бидат изоставени од процесите на донесување одлуки. Во Умеа, администраторите тврдат дека мерките насочени кон намалување на емисиите треба да го земат предвид полот за да се осигури дека жените нема да бидат несразмерно погодени. Тие исто така посочуваат дека давањето приоритет на родовата еднаквост може да биде моќна алатка во борбата против климатските промени. Во родовите еднакви градови, емисиите би се намалиле многу затоа што се смета дека жените прават поодржливи избори од мажите. Истражувањата за патувања и студии спроведени во Умеа покажаа дека мажите многу почесто од жените го користат својот автомобил во градот. Студијата од 2020 година нарачана од шведската агенција за иновации покажа дека ако мажите патуваат како жените, емисиите на Шведска од патничкиот транспорт ќе се намалат за речиси 20 отсто.


Скандинавските земји се најпогодни за живот на жените

Норвешка е на врвот на листата како најдобро место за живеење на жените, а потоа следуваат Финска, Исланд и Данска, според најновиот извештај на Институтот за жени, мир и безбедност при универзитетот „Џорџтаун“. Велика Британија следува на деветто место од рангираните 170 земји, додека САД се на 21-та позиција.
На другиот крај од спектарот, Авганистан е на последното место на светскиот индекс. Правата на жените опаднаа во земјата уште од преземањето на Кабул од страна на талибанците во август 2021 година и повлекувањето на САД и на НАТО. Авторите на извештајот забележуваат како анализата открива „несигурна состојба во многу провинции каде што жените и девојчињата веќе се соочуваат со сериозни ограничувања на нивните можности надвор од домот и со екстремно високи стапки на насилство“. Сирија и Јемен, двете земји што сè уште се вплеткани во долгогодишен конфликт, се на второто и третото гледано од дното на табелата.