Црно возило застана на паркинг во јужниот дел на Сеул и тројца мажи излегоа од него среде летната горештина. Двајца од нив беа полицајци, иако не можеше да се види тоа од нивните облеки. Третиот беше човекот што тие го штитеа. Парк Санг-хак пребегал од Северна Кореја и сега живее во Јужна Кореја, а понекогаш северот го нарекува нултиот непријател.
– Двапати за малку ќе умрев – раскажува тој.
Во 2011 година, тој требаше да се сретне со друг Севернокореец што побегнал од земјата, но беше предупреден од страна на јужнокорејските разузнавачки агенти. Тие го уапсиле мажот и кај него нашле две пенкала, едното со скриена игла со отров, другото со можност да истрела проектил обложен со отровен прав, како и батериска ламба што може да испука три куршуми.
Следната година, друг севернокорејски шпион беше уапсен за планирање атентат врз Парк. Тој, исто така, постојано добива предупредувања дека може да биде ликвидиран.

– Преку шпионите во Кореја испраќаат гулаби, па дури и глувци во мојата канцеларија – вели Парк, додека двајцата полицајци ја блокираа патеката што води до него.
Постои причина зошто Северна Кореја сака да го убие. Тој ја предводи организацијата „Борци за слободна Северна Кореја“, која постојано испраќа илјадници летоци преку границата со балони. Тој донесе неколку во паркот и мавташе со нив додека зборуваше. Овие мали и лесни балони, кои исто така имаат џеб за банкноти од еден американски долар, се причина за најновиот дипломатски спор меѓу Северна и Јужна Кореја. Сѐ поради зборовите отпечатени на нив.
– Тоа е вистината за семејството Ким, а Ким Јонг-ун многу се плаши од вистината. Во Северна Кореја, луѓето го сметаат Ким Јонг-ун за бог. Тие во него гледаат божество. Ако ја знаат вистината за него, не би размислувале на таков начин. Затоа, тоа е најголемиот страв на Ким, луѓето да не го сметаат за бог – вели Парк, нагласувајќи дека тој ќе им ја достави вистината на луѓето, без разлика колку ќе се обидува семејството Ким да го запре.

Парк избега од севернокорејскиот режим уште во 1999 година, бидејќи неговиот татко ја откри вистината за степенот на гладот ​​што ја уништи Северна Кореја во 1990-тите. Стравувајќи од нови прогони, Парк побегнал со своето потесно семејство во Кина и на крајот завршил во Јужна Кореја. Во 2003 година, тој добил вест од дома дека неговата свршеница била претепана и повеќе не личела на себе, додека неговите двајца чичковци биле мачени до смрт. Така, тој почна да работи како активист и го основа „Борци за слободна Северна Кореја“.
Во летоците, Ким е обвинет дека е лицемер, бидејќи е образован во западна земја. Тој е обвинет и за кражба на плодовите од напорниот труд на луѓето од Северна Кореја, па дури и за сексуални напади врз малолетници, што се тешки обвинувања во Северна Кореја. Затоа и не изненадува што Ким Јо-јонг, сестра на водачот на земјата, ги осуди лицата што пребегнале во Јужна Кореја и побара казна за нив. Но тоа беше тивка победа за Парк.
– Првпат во историјата на Северна Кореја тие го употребија зборот „дезертери“. Сите летоци го споменуваат зборот „дезертери“, така што знаат дека не можат да го кријат повеќе. Тоа покажува колку се плашат од вистината – нагласува тој.
Севернокорејските медиуми прикажаа слики од масовни протести, каде што луѓето ги проколнуваат дезертерите на југот и бараат нивна казна. Некое време се чинеше дека на маса е ставена и опцијата за воена одмазда.

Парк тврди дека би му било „чест“ да биде убиен од режимот на Ким, зашто некој морало да поднесе жртва за слободата.
По уривањето на канцеларијата за врски меѓу двете земји, тензиите на Корејскиот Полуостров се зголемија. Севернокорејски сили, исто така, се забележани како се движат во Демилитаризирана зона што ги раздвојува двете земји и се закануваа дека ќе преземат воени активности.
Но експертите што ја проучуваат Северна Кореја велат оти исходот не е јасен. Некои сметаат дека Северот ги користи летоците како изговор за да ги засили тензиите.
– Летоците не се доволна причина за да ја разнесат канцеларијата за врски. Секако, не им се допаѓаат, но Парк го прави тоа веќе две години, а Северна Кореја не реагираше. Зошто реагира сега – прашува Го Мионг-хиун, истражувач од Сеул.
Парк и неговата организација лани организираа 11 летања на балони со летоци, а годинава само пет. Наместо тоа, Го смета дека Северот само ги избрал летоците за да ги легитимира заканите за ескалацијата кон Југот. Режимот го прави тоа за да ги намали тензиите подоцна и да поттикне укинување на дел од санкциите што ја уништуваат економијата на земјата.

Ким сака да издејствува олеснувања на санкциите од Трамп,
сметаат експерти

– Ова е се случи во 2017 година. Има огромна ескалација помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон, која заврши со мерење на тоа кој го има најголемото нуклеарно копче и тогаш, во 2018 година, Ким рече дека ќе разговара со Јужна Кореја и комуницираше и со Америка Тоа беше одлично за нив. Тие почнаа дијалог со Американците, што заврши со прв самит меѓу лидерите на двете земји. Значи, успех од гледна точка на Северна Кореја – вели Го.
Сепак, не беа укинати санкциите, а самитот во февруари 2019 година во Виетнам меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Ким заврши со неуспех, но беше многу повеќе од нешто што Пјонгјанг го направил на светската сцена веќе подолго време. Режимот се надева дека ќе може да го повтори истото тоа.

Пјонгјанг ќе продолжи со тензиите и можеби ќе го насочи бесот повеќе кон Вашингтон (можеби со тестирање интерконтинентална балистичка ракета), во обид да обезбеди договор со администрацијата на Трамп пред американските претседателски избори во ноември. Ако демократскиот кандидат Џо Бајден почне да му дише во врат на Трамп, тоа би можело да биде втора шанса за Северна Кореја, бидејќи Трамп би можел да бара брза победа во надворешната политика.
– Тие го прават истото тоа што го прават веќе пет децении. Луѓето уште веруваат во трикот, а Северна Кореја смета дека Трамп ќе го стори истото тоа, зашто тоа е погодно и за него и за неговите политички цели – заклучува Го.