Граѓаните на Европската Унија сè уште ќе чекаат за евтини повици во рамките на блокот, пишува Лив Клингерт за „Политико“

Пратениците од Европската Унија (ЕУ) уште еднаш се фатија во костец за она што блокот го смета за една од најголемите победи во историјата на правата на потрошувачите, а тоа е да се јавуваат, да пишуваат пораки и да проследуваат содржини без да плаќаат дополнителни трошоци додека патуваат. Според регулативата од 2017 година, правата за роаминг истекуваат до 30 јуни 2022 година, а потоа ќе се бара од комисијата да предложи нивно продолжување за уште десет години. Преговарачите на Советот на министри и на Европскиот парламент се состанаа за време на кризната состојба за да ги разработат последните детали за продолжување на правилата. Документот до кој дојде „Политико“ покажа дека официјалните лица треба да надминат „четири главни отворени политички прашања“, вклучувајќи ја максималната цена што телекомуникациските оператори можат да си ја наплатат меѓусебно за користење на мрежите на другите во странство и цената за остварување телефонски повици во рамките на ЕУ. Доколку преговорите не успеат, европските граѓани би можеле да се соочат со високи сметки за користење на нивните мобилни телефони во странство повторно уште во следната летна сезона.
Меѓу најспорните пречки е обидот на Европскиот парламент да ги укине високите давачки за повиците кон друга европска земја. Правото на слободно движење низ целиот блок треба да овозможи бесплатни меѓународни разговори, според Клаудио Тешеира, правен службеник во потрошувачката групација БЕУЦ. Тринаесет извршни директори на телекомуникации заеднички изјавија дека укинувањето на наплатата на повиците во ЕУ ќе го чини секторот две милијарди евра во наредните четири години, кога е финансиски ограничен, бидејќи инвестира во 5Г-мрежи. Второто прашање што го кочи договорот за продолжување е за тоа колку телекомуникациските оператори во Европа си наплаќаат меѓусебно за користење мрежи кога нивните клиенти патуваат. Комисијата предложи ограничување на тие трошоци на две евра по гигабајт што операторите си ги должат меѓусебно за користење на мрежите. Таа сака да ги натера Советот и Парламентот да се договорат за ограничување на цената со дополнителни барања што гарантираат одреден квалитет на услугата.