Харвард, ќе те присилат да се вратиш на прва програма

Македонија да остане на своите принципи поставени во Резолуцијата на македонското собрание, изгласана во јули годинава, и да се повикува на принципите на меѓународното право. Држењето до своите принципи е решението за сите непринципиелни игри, колку и да изгледа дека моќта е на страната на непринципиелните

По третото вето од Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ, се добива впечаток дека целата оваа приказна се претвори во згодна алатка и политичка рутина на европската администрација за да го остави во лер проширувањето со земјите од Западен Балкан, а ЕУ да си има алиби дека декларативно и формално Унијата „останува посветена на исполнување на своите ветувања“. Кого го влече за нос Унијата? Со формулацијата „што поскоро да биде одржана првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ“, без конкретен временски рок, Унијата се чини повторно ја стави Македонија во вителот на национално-идентитетските уцени на Бугарија, конципирани во декларацијата на нивното собрание од 2019 година. Македонските евроинтеграции, во наредните шест месеци, според рокот што го зададе мандатарот на новата бугарска влада, Кирил Петков, ќе бидат подложени на стариот концепт на навидум новата „видеоигра“. Тоа е познатата игра со изјави топло-ладно или, попрецизно, со „добар и лош полицаец“.
Првиот тон од пораката на Петков за проширување на опсегот на преговорите со Македонија, со нови работни групи за спроведување на Договорот за добрососедство, кои би требало да го олабават притисокот од безизлезноста на барање решение за некаква „заедничка историја“, во македонската јавност беше дочекан со симпатии и надеж за поставување нова линија за разбирање со бугарската страна. И покрај политичкото подгревање на надежите од македонска страна, со „ишарети“ во вид на полуинформации, за почеток на преговорите до крајот на годинава, роковите и логичниот тек на настаните на политичката сцена и во Бугарија и во Македонија јасно укажуваа дека тоа нема да се случи на овој самит на ЕУ под словенечко претседателство. Но најавите за „надградените позиции“ на Бугарија, искажани од „харвардскиот“ премиер, навестуваа барем атмосфера за олеснета комуникација во преговорите насочена на прашања од реалната општествено-економска сегашност, иако рокот од шесте месеци и македонските политичари го проценија како предолг.

За разлика од генерално позитивниот прием на пораките на Петков во Македонија, тие во Бугарија предизвикаа речиси фронтален контранапад од преостанатите релевантни бугарски политичари, кои практично не дозволија новиот премиер ниту да постави терен за играта на „добар и лош полицаец“. Од бугарскиот претседател Радев, преку коалицискиот партнер на Петков, Кристијан Вигенин, до ултраантимакедонски настроениот европратеник Џамбаски…, прекорно го потсетија Петков дека никој нема намера да отстапи од националните позиции за македонските евроинтеграции, поставени во декларацијата на бугарското собрание. Никој од нив нема намера да отстапи од изнудите за Македонија и Македонците во ЕУ да влезат како „онесвестени, па повторно осознаени Бугари“, македонскиот јазик да се прогласи за варијација на бугарскиот јазик, а и да се признае во Македонија дека „заедничката историја“, всушност, е „само“ бугарска.
Всушност, во Бугарија никој нема намера да размислува за опцијата на сценариото „добар и лош полицаец“, зашто „актерскиот“ талент не им дозволува повеќе од еднодимензионалноста на негативците во лошите драмолетки. И покрај привилегијата со членството во ЕУ, бугарските политичари се чини немаат капацитет да излезат во програмската шема на телевизијата од живковистичкиот период. Имено, по воведувањето на втората програма на бугарската телевизија во времето на Тодор Живков, самите Бугари го измислија вицот дека всушност на вториот ТВ-канал се прикажува полицаец што вели: „Враќај на прва програма“.
Ако досега не беше јасно, по ефектуирањето на третото вето за евроинтеграциите, во Македонија, пред сѐ меѓу македонските политичари, треба да се прифати сознанието дека ЕУ можеби не ги разбира позициите и условите на Бугарија, но не ѝ пречи што таа со своето однесување ги компромитира принципите на меѓународното и европското право.

Ако досега во односите и преговорите со Бугарија се „играше“ на картата со барање „удобни решенија“ за нивните барања, по третото вето е јасно дека од таму нема да се задоволат со некакви формални отстапки од видот дека краткото име на македонската држава, без „Република“, не означува територијални претензии спрема Бугарија… Бугарија во оваа „игра“ сака да добие сѐ што е наведено во декларацијата на нивното собрание – и македонскиот народ и македонскиот јазик и македонската историја да се одзиваат на атрибутот „бугарски“.
Вревата за загрозеноста на правата на македонските граѓани со некаква бугарска самосвест, барањата за внесување на Бугарите во македонскиот устав, тажаленките пред ЕУ за говорот на омраза спрема Бугарија во Македонија… се само дел од стратегијата со „европско руво“ за капитализирање на асиметричната предност што ја имаат со Договорот за добрососедство, која води до исполнување на целите од декларацијата. Иако играта е непринципиелна, Македонија сепак нема избор освен да остане на своите принципи поставени во Резолуцијата на македонското собрание, изгласана во јули годинава, и да се повикува на принципите на меѓународното право. Држењето до своите принципи е решението за сите непринципиелни игри, колку и да изгледа дека моќта е на страната на непринципиелните.