Електронските џинови чии уреди можат да се сместат во колоната „Произведено во Азија“ се моќни како никогаш досега. Најголемите осум компании од овој сектор се всушност производители од различни делови на азискиот континент. Првата компанија надвор од Азија, производителот од Северна Каролина „Ханивел“, се најде на десетто место на најголемите компании за електроника и електрична опрема во светот, според рангирањето на „Глобал форчн 500“. Највисоко рангирана европска компанија е „Шнајдер електрик“ од Франција на 13-то место, со споредбено „слаба“ продажба од само околу 30 милијарди долари.
Гледајќи ја глобалната продажба, јужнокорејскиот конгломерат „Самсунг“ е најголемиот производител на електрични и електронски уреди. Компанијата со седиште во Сеул оствари приход од скоро 200 милијарди долари во 2019 година. Најголемиот конкурент на „Самсунг“ на пазарот на електрични апарати е тајванската „Хон Хаи пресижн индустри, која е позната и како „Фокскон технолоџи груп“. Компанијата лани регистрираше продажба од приближно 173 милијарди долари.
Традиционалните производствени гиганти, Јапонија и Јужна Кореја, сè уште доминираат на првите места на списокот и на нив се приклучуваат две тајвански компании. Но производителите од Кина итаат кон врвот. Тие пополнуваат три од преостанатите четири места на рангирањето од 15 места, а имаат едни од највисоките стапки на пораст.