Фото: ЕПА

Откако постигнаа напредок во глобалната трка за подигање на ефикасноста на соларните ќелии од перовскит, некои кинески фирми започнаа со производство за да станат пионери во индустријата

Револуционерна технологија за производство на струја

Кинеските научници успешно ја зголемија ефикасноста на новата генерација соларни ќелии од 28 отсто во трка со странските ривали, резултат што го постигнаа во декември 2018 година, и оттогаш го зголемија тоа ниво на 33,2 отсто во април оваа година.
Не чекајќи да постигнат соларно совршенство, некои кинески фирми, вклучувајќи и компанија основана од водечкиот кинески истражувач, веќе започнаа да произведуваат соларни ќелии од перовскит и силициум (ПСЦ). Се вели дека оваа таканаречена соларна ќелија од трета генерација може да претвори 50-75 отсто повеќе сончева светлина во електрична енергија отколку традиционалната силициумска фотоволтаична (ПВ) ќелија. Производот е исто така 95 отсто поевтин од силициумската соларна ќелија, бидејќи нејзината клучна суровина е метиламониум олово јодид, што го прави потенцијална одлична опција за земјите што сакаат да се префрлат на соларна енергија за да ги исполнат своите цели за јаглеродна неутралност.
Тан Хајрен, професор на Колеџот за инженерство и применети науки на Универзитетот во Нанџинг, и неговиот тим ги објавија своите достигнувања во технологијата на ПСЦ во напис објавен во научното списание „Нејчр“. Според написот, тимот на Тан постигнал ефикасност од 28 отсто, што значи дека 28 од 100 единици на влезната сончева светлина може да се претворат во електрична енергија, на ПСЦ со површина од 0,49 квадратни сантиметри во истражувачката фаза. Во јануари 2022 година тимот постигна 26,4 отсто. Во тоа време исто така забележа и ефикасност од 24,2 отсто на поголем ПСЦ (1,04 квадратен сантиметар) и 21,7 отсто на големина на мини модул (20,25 квадратни сантиметри). Колку е поголема големината на соларната ќелија, толку е помала стапката на ефикасност што може да ја постигне.
Тан изјави во претходното интервју дека за време на истражувањето неговиот тим разгледал различни фактори, вклучувајќи ги трошоците за производство и материјали. Тој исто така рече дека неговата компанија „Реншајн солар“ започнала со производство на ПСЦ-модули со оценки за ефикасност од 18 отсто во февруари. Тан истакна дека таков производ е комерцијално исплатлив бидејќи има излез еквивалентен на оној на традиционалната силициумска соларна ќелија со 20 отсто ефикасност. За споредба, најефикасните силициумски соларни панели моментално достапни на пазарите имаат ефикасност од 22,8 отсто, а повеќето панели се ефикасни само од 15 до 20 отсто.