Трошоците на Европа за Украина се искачуваат до 10 отсто од годишниот европски БДП

Парадоксално, зголемените трошоци за воениот конфликт се чини дека се помалку одржливи за богатите демократски земји од Европската Унија отколку за изолираната Русија, пишува Роберт Д. Инглиш за „Нешенел интерест“

Клучните достигнувања на Западот во соочувањето со Русија може да бидат изложени на ризик. Дури и кога политичарите го потврдуваат западното единство, а експертите го поздравуваат влијанието на оружјето испратено во Украина, економските проблеми се подготвени да ја нарушат таа солидарност онаму каде што е најважно, а тоа е во Европската Унија (ЕУ). Парадоксално, зголемените трошоци во конфликтот изгледаат помалку одржливи за богатите, демократски земји на ЕУ отколку за изолираната Русија. Сметката пристигнува, а Европејците се шокирани од незадоволствата со кои се соочуваат за да ги платат: зголемените трошоци за енергија, штедењето, намалената помош за сиромашните и претстојната рецесија. Несогласувањето околу помошта за Украина го поттикна неодамнешниот колапс на италијанската владејачка коалиција што е лош знак за другите центристички европски влади. Трансатлантското единство за кое дипломатите толку напорно работеа да го создадат, наскоро може да попушти. Сепак, инсистирањето дека Русија мора одлучно да биде поразена станува сè понереално, бидејќи рамнотежата на економската и политичката издржливост се менува во корист на Москва.

Русија постојано е потценета

Се сметаше дека Русија не може да се спротивстави на економската моќ на Западот и дека нејзината економија е помала од италијанската. Но, Русија не се натпреварува за да им се спротивстави на западните економии, туку целта ѝ е да произведе доволно оружје и војници за да одговори на војската на Украина поддржана од Западот. Се сметаше дека санкциите ќе ја уништат Русија и ќе ја урнат нејзината валута. Сепак, рубљата сега е посилна од порано. Иако се очекува руската економија да се намали за шест отсто или повеќе во 2022 година, тоа не е ништо во споредба со украинската имплозија од 45 отсто. Поточно, способноста на Русија да го преброди негативниот раст од шест отсто е посилна од онаа на многу демократски европски влади да го преживеат негативниот раст од три отсто. Она што е важно не е некоја апсолутна мерка на економска или воена сила, туку рамнотежа меѓу Русија, Украина и Европа во однос на нивната способност да продолжат со жртвувањето во конфликтот. Русија покажа издржливост која малкумина ја предвидоа, а потценувањето на Москва и преценувањето на западното влијание врз неа не е ништо ново.

Парадоксите на моќта и богатството

Со примерите за потценување на руската отпорност, не е изненадување што многумина подлегнаа на дрскоста во очекувањето на брзото тонење на Русија откако таа ја започна специјалната воена операција во Украина. Досега невидените воведени санкции требаше да ја задушат руската трговија, но сепак се покажа дека Москва е подготвена. Алтернативниот систем на плаќања за извозот и огромните готовински резерви ѝ овозможија да ги надмине санкциите многу подобро од очекуваното. Рубљата силно отскокна благодарение на вештото користење на каматните стапки и контролата на капиталот. Исто така, таа имаше корист од зголемените цени на нафтата и инсистирањето на Москва да се плаќа за нејзиниот гас во руската валута, што ѝ ја зголеми побарувачката. Некои клиенти се откажаа, но големите увозници како Германија и Италија брзо се усогласија. Додека Европа се обидуваше да ја удри Русија со стапот на зависноста на Москва од приходите од нафта и од гас, се покажа дека Путин го држи другиот крај на тој стап.

Кој кому му се потсмева?

Историчарите ќе се осврнат на европско-руската енергетска војна за тоа како не треба да се користи политичко-економската моќ. Откако ЕУ воведе сè построги санкции кон Москва, беа објавени планови за запирање на увозот на руска сурова нафта и природен гас. Одбранбените политичари долго ги застапуваа, а центристичките Европејци се согласија за нив како начин да ја осакатат руската економија и да ги задушат нејзините воени напори со тоа што би ѝ ја скратиле профитабилната извозна заработка. Меѓутоа, глупавиот политичар не ја процени колатералната штета од санкциите врз сопствената земја. Европејците беа поттикнати на овој чекор од американските лидери, кои долго време сакаа американскиот ЛНГ да го замени руски гас, иако ниту една од страните не располага со извозниот или увозниот терминал и капацитет на танкери. Како што ЕУ се обидува да најде алтернативни извори на гас и се подготвува за штедење оваа зима, набљудувачите во Кина и во Индија им се потсмеваат на оние што сметаа дека Москва се служи со „енергетски уцени“. Ставовите на Кина и Индија се важни затоа што двете најголеми земји ја зголемија набавката на руска нафта и гас. Ова ѝ помага на Москва да ја надомести загубената продажба во Европа, при што дел од руската нафта купена од Индија всушност се препродава на пазарите на ЕУ. Слично на тоа, некои земји кои гордо објавија крај на увозот на руски гас, сè уште го увезуваат само индиректно, преку Германија, Италија или Франција. Во март, претставниците на ЕУ ја воздигнаа трансатлантската соработка и го исмеваа Путин за несвесното зајакнување на европското единство, но шест месеци подоцна, Путин се потсмева на зголемениот очај во Европа.

Лето на незадоволство во Европа

Милиони европски потрошувачи добија известување за масовни зголемувања на цените за греење и струја, додека ЕУ се согласи да ја намали употребата на природен гас за 15 отсто. Но, многумина се спротивставуваат на таквите мерки за штедење за кои аналитичарите велат дека се од клучно значење за да се помине зимата. Некои земји веќе известија дека нема да споделуваат набавки со соседите, без оглед на потребата. Така, Европа повторно останува поделена по познатите линии Исток-Запад и Север-Југ.
Неколку фактори се во игра да го разгорат овој јаз. Топлотните бранови, исто така, ја зголемија побарувачката за гас, како за напојување на климатизерите, така и за замена на хидроенергијата изгубена поради сушата. Водостојот на реките во Европа е намален, што го прекинуваат производството на нуклеарна енергија и бродскиот транспорт и сообраќај.

Во меѓувреме, илегалната миграција во Европа повторно е зголемена за околу 80 отсто во однос на минатата година. Ако се пресметаат сите видови економска помош за Украина, вклучувајќи ги и индиректните трошоци, како што е поддршката на над пет милиони воени бегалци, европскиот придонес е многу поголем од американскиот. Европејците, исто така, неодамна дознаа дека нивната сметка за евентуалната реконструкција на Украина ќе биде најмалку една илјада милијарди долари. Товарот на Европа со Украина може да се приближи до 10 отсто од целиот годишен европски БДП. Ова би предизвикало големи економски и политички нарушувања, дури и без тешка енергетска криза.

Дали западното единство може да издржи долгорочен конфликт?

Европското јавно мислење почна да се менува и да биде против конфликтот дури и пред Русија да почне да ги намалува испораките на гас. Доказите од поединечни земји сугерираат дека сè поголем број граѓани не се согласуваат со политиките на нивните влади за вооружување на Украина, наместо да го туркаат Киев кон прекин на огнот. Гневните работници веќе организираа немирни штрајкови од Велика Британија и Норвешка до Германија и Шпанија, а зголемените тешкотии може да доведат до бран на општествени немири. Влошени од доселеничките тензии, зголемениот национализам и борбите за поделба на товарот може да ги поткопа некои од европските влади и да ги влошат односите меѓу другите, да ги нарушат трансатлантските врски и да ја намали поддршката за Украина. Ова можеби е најлошото сценарио, но не толку неверојатно како што изгледаше до неодамна. Иако фокусот е на слабостите на Русија, од клучно значење е Западот да ги цени сопствените ранливости и закани за политичкото и економското здравје на ЕУ. Сè посилното вооружување може да доведе до победа на Украина или би можело да предизвика уште поголемо уништување, што ќе наметне разорни оптоварувања не само на Украина, туку и на кревката ЕУ.