Арачиновски Монти Пајтон

Гледам и се чудам, каде живееме ние? Во каква Европа сме запнале да одиме, а не можеме еден данок да собереме како што треба. Струја краде кој како ќе стигне, а сите се прават дека не гледаат што се случува. Градови и села ни се поплавуваат поради нашиот јавашлак на сите страни… Можеме вака да си набројуваме уште долго. Ама, има ли кој да го слушне и да го види тоа? И, ќе се потресе ли некој поради тоа? Или ќе си влезе во скапиот службен автомобил со затемнети стакла и ќе си јурне по нашите автопатишта што блескаат, да се послужам со зборовите на една поранешна пратеничка и министерка

Раскажува деновиве другарка на ќерка ми свое доживување од Германија, каде што е на „привремена работа“. Имено, во градот во којшто таа работи во ординација како стоматолог, одеднаш се случило нешто што во градот се немало случено многу одамна. Имено, снемало струја. И одеднаш – паника. Пациентите, вработените, случајните минувачи сите одеднаш се возбудиле, почнале да зборуваат со повишен тон, секој уплашен од најразлични причини. Што ќе правиме, сега, до кога нема да работат инструментите, како ќе си одиме дома ако не работат лифтовите, па сѐ до – како ќе го извадам автомобилот од гаражата ако не дојде струја. Секој со своите проблеми, стравови и паранои.
Единствено нашата Македонка смирена си молчела и им се чудела на возбудените Германци. Конечно, кога малку стивнала работата, повеќето од нив ѝ се навртеле со прашањето како можела да биде толку смирена „во толку лош момент“. Се изнамачила сиротата девојка да им објасни на Германците дека веќе е навикната на такви ситуации, дека тоа не е ништо ново кај нас, дека во Македонија да дувне малку посилен ветер во Драчево ја исклучуваат струјата во Ѓорче (се разбира, не со тие зборови), дека снемувањето струја не е ништо ново. Едноставно, немала време да им објаснува многу, бидејќи за десетина минути дошла струјата и животот си продолжил понатаму, како ништо да не се случило.

Нејзината епизода со паниката ми се наврати деновиве кога ги гледав „монтипајтоновските“ случувања со исклучувањето и експресното враќање на струјата во Арачиново. Се почувствував на момент како „изгубен Германец“ и се обидував да ја доловам сликата што навистина се случува, а од друга страна како би изгледало кога некој би се обидел на странците, особено на оние што строго држат до плаќањето на даноците и редовните давачки кон државата, да им објасни што навистина се случувало. Слушателите веројатно би помислиле дека раскажувачот на „арачиновската епизода“ е некој шегаџија или, пак, раскажува некој научнофантастичен филм.

Но, ајде и да ги разбереме странците, кај нив вакви работи нема шанси да се случат, па затоа и им се неразбирливи. Но што правиме со нашиве политичари што се прават странци. Што би рекле,„ не сум одовде“. Не знам што не е јасно во целава ситуација и зошто некој не се обиде државнички да ја објасни ситуацијата, а не едната половина од Владата мудро да одмолчи, а другата, нормално, да ги заштитува неплаќачите.
Па, што требаше повеќе да се објаснува откако снабдувачот со струја писмено потврди дека станува збор за масовно крадење струја, што го оптоварува системот и тој затоа се распаѓа. Како капак на тоа, екипите што отишле да го поправат дефектот биле нападнати од локалците.

И така и јас, збунет како и Германците од почетокот на колумнава, се обидував да сфатам што е вистината тука, дали да му верувам на ЕВН или, пак, на политичарите и новинарите, кои ја оправдуваат ситуацијата со објаснување демек дека граѓаните морале да крадат струја, затоа што немале услови за живот, а впрочем сите краделе(!?). Па, како да имаат услови за живот какви што треба, кога никој од нив не плаќа данок на имот. Па, со што ќе се полни општинската каса? Туку и за тоа има монтипајтоновско оправдување – општината немала соодветен софтвер или нешто слично, за да собира данок.
Прва помисла ми беше, па ако нема софтвер, или што и да беше, досега стопати ќе се побараше техничка помош и ќе се средеше тоа, ако се сакаше да се среди. Но, очигледно, вака е поубаво. Ќе даде пари државата.
Тоа барем не е спорно, еве, да се послужам и со тоа што го пишуваат колегите. А преостанатите медиуми деновиве пренесоа дека е крајно нејасно како, судејќи според последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации, кој излезе минатата година, Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година, а сепак по вторпат добива парична помош од Владата. Нови податоци во изминатите две години за наплатата на данок за 2020-та и 2021-та нема. Причина за ова, како што тогаш рекоа од ЦГК, е тоа што Општина Арачиново нема база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.
И покрај тоа што оваа општина не придонесува во буџетот, Владата на неодамнешната седница по вторпат во време на криза одобрила пари, поточно 1,1 милион евра со кои ќе се санира каналoт за отпадни води во општината Арачиново, како што објави првиот вицепремиер Артан Груби.

И претходно влада, на 11 декември 2020, донесе одлука да му помогне на Арачиново со 500.000 евра неповратна помош, иако е нејасно каде и како завршија тие пари. Сега се одобрија експресно повеќе од еден милион евра, за наводно чистење на каналите. Ај, да почекаме, па да видиме колку навистина ќе се исчистат каналите.
А би било добро да се исчистат навистина, за не дај боже да дојде утре да се повторат сликите од Прилепско деновиве. Имено, локалните жители во прилепските села со години фрлале кој што ќе стигне во селската река, па сега при малку посилен дожд реката се излеа и поплави дел од куќите. Смешни беа изјавите на селаните демек „зошто не ни ја чистат реката“. Само еден излезе вистински домаќин и рече: „Ние сме криви, кој што стигне фрлаше во реката, а сега се жалиме. Не оди тоа така. Сами треба да се грижиме за животната средина“.

Гледам и се чудам, каде живееме ние? Во каква Европа сме запнале да одиме, а не можеме еден данок да собереме како што треба. Струја краде кој како ќе стигне, а сите се прават дека не гледаат што се случува. Градови и села ни се поплавуваат поради нашиот јавашлак на сите страни… Можеме вака да си набројуваме уште долго. Ама, има ли кој да го слушне и да го види тоа? И, ќе се потресе ли некој поради тоа? Или ќе си влезе во скапиот службен автомобил со затемнети стакла и ќе си јурне по нашите автопатишта што блескаат (да се послужам со зборовите на една поранешна пратеничка, која рече дека откако дошла нивната влада на власт изградила стотици километри автопатишта со најквалитетен асфалт што ние обичните граѓани не можеме да го видиме, а подоцна стана министерка токму благодарение на таа реченица). Да се надеваме дека на тој блескав пат кон Европа ниеден од нашите политичари нема да мора да вози на делницата од Демир Капија кон Неготино, каде што брзината за возење на нашиот уште поблескав автопат е ограничена на 80 км/ч. Или уште подобро, нека проба да вози над 80, па можеби по доживеаното искуство ќе му текне да иницира уште една реконструкција на делницата. Ќе има за сите.