Фото: Зоран Антоски

Во присуство на поголем дел учесници, како и нивни родители, дедовци и баби, деновиве во Центарот за култура во Кичево им беа врачени уверенија на сите деца што учествуваа во ликовната работилница на „Арт-студио“ од Кичево, која се одвиваше изминатиот месец. Пред врачувањето на уверенијата, присутните ги поздрави младата уметница Лулзиме-Лулу Османи, организаторка на овие работилници.
– По вторпат годинава во нашето ликовно студио организираме ликовна работилница со деца од 4 до 16-годишна возраст. Децата се поделени во три групи, и тоа од 4 до 7 години, од 8 до 11 години и третата група од 12 до 16 години и секоја група е сочинета од онолкав број деца колку што има во секоја возрасна група. Важно е да напоменам дека интересот на младите за уметничко творење е исклучително голем и очекувам по десетина и повеќе години некои од овие ученици да станат и ликовни уметници и скулптори. Работилницата се одвиваше во период од еден месец, кога во секоја седмица работевме по два часа, или вкупно ни беа потребни осум часа за да ја заокружиме нашата работа -истакна Османи.
Таа наведе дека младите работеле во повеќе техники и смета дека за овој период подлабоко проникнале во уметноста.
– Со учесниците на оваа работилница творевме во повеќе техники. Од пејзажно творештво до работа во дрво или скулптурално создавање. Младите од Кичево за секоја од овие техники пројавија исклучителен интерес и воопшто не ми беше тешко да ја организирам и да ја спроведам оваа работилница, која ќе продолжи со пролетна сесија и со нови кандидати од истите возрасни групи -додаде уметницата.
Инаку, за учеството во оваа работилница на „Арт-студио“, децата добија уверенија како потврда дека биле дел од оваа работилница и истовремено ги понесоа со себе творбите што ги создале на оваа работилница…

З.А.