Фото: ЕПА

ЕВРОПСКА ЛИБЕРАЛНА КОМЕДИЈА

  • Зошто Брисел и цела Европа, на чело со медиумските неолиберални мегафони, му се радуваат на поразот на Орбан, а не толку на победата на соперникот Маѓар? Тие, на чело со Фон дер Лајен, се свесни за овој апсурд, но немаат каде, зашто за нив беше битно да ја поразат иконата на унгарскиот (и европски) суверенизам, а притоа и да им се удри глоговиот венец и на сите што ги фаворизираат демохристијанските вредности. Притоа, ова е и слатка одмазда на Брисел за сето она што го прави и им го прави Доналд Трамп

Парламентарните избори во Унгарија веќе се прогласени за историски. Зошто и како е тема за обемни анализи, но и доказ за апсурдноста на политичкиот естаблишмент во Брисел и во европските центри на моќта како што се Париз, а најмногу Берлин? Зошто падот на Виктор Орбан би бил историски за европската либерална оска, кога на власт во Унгарија доаѓа нов десничар, помлад од Виктор, но готов кадар токму од партијата на Орбан – Фидес? Во психијатријата тоа се вика – фројдовска грешка, кога потсвеста те открива повеќе отколку она што сакаш да го извадиш надвор од твојата интима.
Како посматрач на изборите во Словачка во 1998 година, кога тогашниот лидер Владимир Мечијар мораше да биде соборен со пенкало на избори, што беше строго контролирана операција од ЕУ и САД, се запознав со тројца членови на Фидес. Млади партиски кадри, кои ми рекоа храбро дека тие се идната владејачка партија на Унгарија. Тие и тогаш беа на власт, но нивната комплетна моќ дојде по изборите во 2010 година. Беа во право. Многу ме потсетија на младите соколи од партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, кои на една средба ми рекоа – ние сме идните владетели со Бугарија. Во политиката веднаш се препознава нивната „американска школа“, опточени, но и премечкани со многу бои, а во политиката се знае што е тоа – способност да се игра на различни терени.

ОРБАН ГО ПРИЗНАВА ПОРАЗОТ, БРИСЕЛ ВО ЕКСТАЗА

Дали на Орбан му се случи сценариото со кое беше соборен Мечијар? Можеби, но тој на денот на изборите излезе достоинствено и го призна поразот, кој е убедлив, зашто Фидес е десеткуван во парламентот, а партијата на идниот премиер Петер Маѓар најверојатно ќе владее со апсолутно мнозинство. Поразот на Орбан е доказ дека никој не е вечен во политиката, но може да влезе во вечноста со своите политики и со тоа што го направил за нацијата. Дали Орбан ќе влезе во пантеонот на унгарските великани? Според мене, секако, а една од причините е тоа што го смени текот на историјата со идеолошката победа над противниците од левицата, која денес во Унгарија речиси и не постои. Од социјалистите нема ни „с“.
Денес на власт е Тиса. Наводно од десниот центар, иако Маѓар инклинира кон тврда десница (чекаме да ги открие картите), а Орбан е во опозиција исто така десничар, па затоа и велиме дека Унгарија ќе оди напред со две десни чевли. Поинтересно за анализа здравје.
Па, зошто таква егзалтираност во Брисел? Урнат е еден ѕид што беше застанат пред Брисел, во моментов претставуван од Урсула фон дер Лајен, ѕид што се противеше против вовлекување на ЕУ во војната во Украина. Ѕид против имиграцијата. Но ЕУ даде толку многу за Украина да војува против Русија што беше неприфатливо повторно Орбан да владее со Унгарија, а тоа значи и да ги блокира планираните операции на Брисел за финансирање на војната, но и да ги заплени замрзнатите руски милијарди. Орбан беше обвинуван дека е проруски настроен, замислете токму човекот што се бунтуваше против руското влијание и систем во социјалистичка Унгарија, иако тој беше миротворец. Неговиот обид да ги седне двете завојувани страни на маса за преговори беше протолкувано како русофилство и таа создадена слика за него мејнстрим-медиумите ја ширеа како зараза низ Европа. Тој новосоздаден бриселски медиумски штит против руската пропаганда всушност си создава своја пропаганда во чиј калап никако не влегуваше токму Орбан, единствениот европски лидер што на иста маса седел со еден Саркози, Берлускони, Путин, Меркел. Лидер што успеа да ги затвори сите финансиски аранжмани со ММФ и да ја ослободи земјата од замката на кредитите на Меѓународниот монетарен фонд. Ваквите економски потези секогаш се сметаат за опасни, а ќе потсетиме дека тоа го направи и Никола Груевски, кога се ослободи од должничкото ропство кон ММФ, но потоа го стегна и него „ренегатството“. Дали тоа значи дека е опасно да се игра контра империјата на Ротшилдите и нивната продолжена рака Сорос (ш)? Ќе читаме во нивните мемоари.

ВО ЕВРОПСКИОТ АПСУРД МЕСТО СИ НАЈДОА И НЕКОИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИ

Денес сме сведоци да гледаме нов апсурд на европска почва – левите неолиберали, на кои им се клатат фотелјите и на власт се одржуваат задушувајќи ги демократските слободи, да се радуваат до ниво на егзалтација на победата на десничарот Маѓар, кој е изразит националист. За да стане овој апсурд појасен, треба да се напомене дека трнот во окото на европската неолиберална елита, на која за чудо ѝ се приклучува канцеларот Фридрих Мерц, е да му се зададе смртен удар на суверенизмот, кој, сакале или не, се враќа и во Европа. Така, некои германски аналитичари поразот на Орбан веќе го нарекоа „падот на Унгарија“, притоа нагласувајќи дека е згазена една европска суверенистичка надеж. Во тој европски восклик се приклучија и некои македонски социјалдемократи, оние што гравитираат кон опозицискиот партиски ентитет. Таквиот нивни став е најверојатно колку од партијата да покажат дека сѐ уште се на политичката сцена, дека не се политички мртви и небитни како нивните колеги од Унгарија. Но колку е политички коректно вака да се радуваш на победа на јасен десничар и притоа да докажеш дека си политички неписмен?

МАЃАР ВО ЧЕВЛИТЕ НА ОРБАН

Петер Маѓар сега влегува во чевлите на Орбан, но тој ќе има малку простор да маневрира меѓу Брисел и Будимпешта, затоа што ја направил првата политичка грешка – му ветил на Брисел (вазалски статус) дека ќе ја врати Унгарија на европска патека. Замислете членка на ЕУ ќе ја враќа во ЕУ?! Но тоа е уште еден апсурд, кој ја прикажува постојаната битка меѓу старото, неолиберализмот, и новото, суверенизмот. Што ветил Маѓар? Дека дома ќе ги враќа европските вредности, кои беа анатемисани од Орбан, како што се на пример правата на ЛГБТ-заедниците. Но што ќе биде со имигрантите? Со проблемот на Унгарците во Украина и во соседните земји, и дали неговата земја ќе се вовлече подлабоко во украинскиот конфликт ако се побара тоа од неа? Ќе ја купат ли милијардите од Брисел новата политичка постава во Будимпешта и подготвени ли се Унгарците, пред сѐ младите, да се откажат од тие освоени демохристијански вредности? И конечно, дали Маѓар е подготвен да оди до крајно исполнување на она што ќе го диктираат од Брисел?
Ова последното не му е јасно ниту на тимот на Фон дер Лајен, па затоа таа за почеток остава простор за извесни резерви.
Во однос на поголемата европска слика, треба да се има предвид дека и Фидес и Тиса се во европското семејство на десницата, додека пак третата парламентарна партија е дел од европскиот патриотски фронт. Тоа неминовно значи дека Орбан ќе има можност многу послободно да работи на својот мегапроект (да ја направиме Европа повторно голема), а секако дека соборениот Орбан е иконата на суверенизмот не само во Средна Европа туку и пошироко, а неговите идеи и планови се прифатени и од германската крајна десница во налет – АфД. Новите парламентарни избори во европските земји меѓу 2028 и 2030 година ќе бидат една голема европска касапница, континентално пургаторио (Чистилиштето на Данте) од кое историски не може да се побегне. Кој ќе ја добие битката за гласовите на избирачите? Да не прогнозираме, подобро да ја видиме моменталната состојба. Унгарија е уште еден доказ за историскиот геополитички конфликт, но и за уривањето на трансатлантскиот мост изграден со Маршаловиот план по Втората светска војна. Денес Вашингтон и Брисел повторно се оддалечија, а причина повеќе за тоа е бруталното вмешување на ЕУ, пред сѐ на Берлин, во изборниот процес во Унгарија. Во Бундестагот дури имаше отворени повици да не се признае изборниот резултат доколку Орбан победи. Не е за чудење, туку за отворање очи што се подготвува во Европа.
Првите одгласи од Русија и од Кина беа коректни, затоа што двата светски столба на зачувување каков-таков меѓународен поредок сметаат дека е можна соработка и под водство на Маѓар. Но Америка, Вашингтон особено според изјавите на потпретседателот Џеј Ди Венс, воопшто не е задоволна од тоа како Европа глуми демократија. Последиците ќе бидат сигурно големи, затоа што во поставената стратегија на Белата куќа, која во јануари во Минхен им ја кажа државниот секретар Марко Рубио, е потенцирано дека новите цивилизациски врски меѓу САД и Европа ќе бидат базирани на христијански вредности, слободи и демократија, но и враќање на националниот суверенитет. По многу линии денешна Европа не е партнер со САД, а и обратно, но тоа стигна до степен на сериозни несогласувања со американско-израелската интервенција во Иран. Капак на сѐ дојде од Шпанија, која отворено, во стилот на Кристифор Колумбо, ја врати историјата во 1492 година (година и на инквизицијата) и им порача на Американците дека не им ги отстапува воените бази, пред сѐ аеродромите. Шпанија инаку не одвојува ни 2 процента за воениот буџет затоа што немала доволно пари за пензискиот фонд.
И конечно тоа што сега го слушаме од европското лидерство го видовме и за време на изборите во Романија и во Молдавија, претходно и во Грузија, неодамна и во Србија. Немојте да мислите дека во овој ред немало и ќе нема нови држави.