Анализа: Во очекување на перипетијата (пресвртот) во Европа
- Од Џорџа Мелони, преку Алис Вајдел до Марин Ле Пен и Марин Марешал… се создава нова политичка оска во Европа. Но неколку индикатори ја потврдуваат тезата дека нејзината суштина „не е излегување од Европската Унија, туку враќање поголема моќ кон националните држави и промена на европскиот политички курс одвнатре“…
Европа влегува во период на политичка неизвесност во кој старите поделби веќе не се доволни за да ја објаснат новата реалност. На една страна се либералните европски политички „мрежи“ што со децении го определуваат курсот на Унијата, а на друга страна се сè посилните суверенистички партии, кои повеќе не се задоволуваат само со критика кон бриселските елити. Нивната цел станува поинаква, да влезат во центарот на европското одлучување и да го променат начинот на кој функционира Унијата.
Промени пред нашите очи
Италија на Џорџа Мелони е највидливиот пример за оваа трансформација. Мелони покажа дека политичка сила со национално-конзервативен и суверенистички профил може од изборна победа во националната политика да стигне до центарот на европските институции, без притоа да се откаже од нагласувањето на националниот интерес. Нејзиниот пример отвори простор за нова стратегија. Имено, наместо „надвор од Европа“, политичкото мото станува „поинаква Европа“. Токму затоа и кандидатката на десницата во Франција Марин Ле Пен се наоѓа пред потенцијално важна пресвртница. Францускиот модел долго време функционираше преку таканаречениот „републикански фронт“, во кој традиционалните политички сили се обединуваа за да го спречат Националното собрание (партијата на Ле Пен) да дојде до власта. Но границите на тој модел постепено се поместуваа. Ле Пен денес настојува да ја отстрани политичката изолација на својата партија и да ја претстави како сила способна да управува, а не само да протестира. Во тој процес италијанското искуство на Мелони има особено значење. Тоа очигледно покажува дека суверенистичката политика може да се институционализира и да стане дел од европската политичка архитектура.
Да не ја заборавиме и лидерката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, чија партија е во подем по неодамнешните успешни резултати на покраинските избори во Германија. АфД во моментов е шампионот на европската патриотска и суверенистичка десница. Нејзината победа е поттик за сродните партии, особено во Франција каде што Марин Ле Пен е во голема предност во пресрет на претседателските избори наредната година. Европските политички елити на тој начин се оддалечуваат од центарот и веќе се најавува сериозен подем на суверенистичките десничарски партии.
Зад политичката промена стои и растечкото социјално незадоволство
Во Франција, Италија и во Германија растат трошоците за живот, а делови од населението што работи сè потешко ги покриваат основните трошоци. За потсетување, протестите на француските „Жолти елеци“, незадоволството на рибарите, протестите во Италија и незадоволството на германските работници се различни манифестации на ист проблем. Имено, сè поголем дел од европското население има чувство дека цената на големите политички и геополитички одлуки ја плаќа токму тој – обичниот граѓанин на Европа. Овој процес има и поширока економска димензија. Европската индустрија во изминатите децении постепено загуби дел од својата конкурентност. Производството се преселуваше кон подрачја со поевтина енергија, работна сила и суровини, додека Европа го задржуваше силниот услужен и финансиски сектор.
Натаму, војната во Украина и прекинот на пристапот до евтините енергенти дополнително го зголемија притисокот врз европската индустрија. Особено се погодени енергетски интензивните сектори – челикот, хемиската индустрија, алуминиумот, цементот и стаклото. Со тоа енергетската политика престанува да биде само економско прашање и станува прашање на европската индустриска и стратешка безбедност. Во исто време Европа се соочува со слаб економски раст, висока задолженост и зголемен притисок врз јавните буџети. Во Франција, на пример, трошокот за сервисирање на јавниот долг станува една од најголемите буџетски ставки. Затоа владите се принудени да бараат заштеди во пензискиот систем, здравството и социјалните програми. Тука економската политика директно се претвора во политички проблем.
Украина како европска политичка линија на поделба
Во оваа атмосфера војната во Украина станува дел од пошироката европска политичка пресметка. Некои од европските влади продолжуваат со поддршката за Украина, додека други полека и во различни форми се дистанцираат од Киев. Некои аналитичари (на пр. во „Геополитика“) ова го претставуваат како „голема геополитичка игра во која прашањето не е само кој ќе ја добие војната туку и кој ќе го определува европскиот поредок по војната“.
Од оваа перспектива, украинскиот конфликт станува и внатрешно европско политичко прашање. Додека едни европски влади ризикот за Европа го поврзуваат со руската политика, други европски влади одговорноста на ЕУ, односно на Европската комисија (ЕК) ја бараат во нејзините геополитички одлуки. А, како што тече времето, сè повеќе станува јасно дека прашањето за цената на европската политика кон Русија и Украина ќе има сè поголемо влијание врз националните избори во европските држави.
Четири различни суверенистички патишта
Европскиот суверенизам, сепак, не е единствен политички блок. Денешната европска политичка сцена покажува најмалку четири различни позиции во просторот десно од центарот: Европската народна партија (ЕПП), Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриотите за Европа (ПфЕ) и Европа на суверените нации (ЕСН). Меѓу нив постои здрав заеднички именител, но постојат и линии на разлики.
ЕЦР, во кој е партијата на Мелони, претставува суверенистички и конзервативен проект што дејствува во рамките на европскиот институционален систем.
ПфЕ, каде што се наоѓа партијата на Ле Пен, е поскептичен кон понатамошната централизација на Унијата и бара значително враќање на надлежностите кон националните држави.
ЕСН, во кој клучна сила е германската АфД, претставува уште поостар суверенистички и национален спектар. Токму оваа фрагментација покажува дека суверенистите иако се една идеолошка целина со заедничка платформа, а тоа е отпорот кон натамошното пренесување на политичката моќ од националните престолнини кон наднационален Брисел, тие имаат поглед кон различни патишта како да се постигне тоа. Некои од нив сакаат многу побрзо и по пократок пат, а некои постепено и чекор по чекор, бед да добијат етикета на „радикалисти“ или „ултрадесни“.
Мелони како преседан, Ле Пен како следен тест
Најзначајната промена е што суверенистичките партии постепено се движат од политичката периферија кон институционалниот центар. Мелони веќе го направи тој чекор. Нејзината влада покажа дека националниот суверенизам може да се комбинира со практично дејствување во европските институции и со соработка со традиционалните европски политички сили. За Ле Пен тоа е важен преседан. Француската политичка сцена долго време беше организирана околу спречувањето на Националното собрание да дојде до власт. Но политичката стратегија на Ле Пен постепено се промени. И наместо директно конфронтирање со европскиот систем, таа се обидува да покаже дека нејзината партија може да стане владејачка сила и истовремено да го промени европскиот курс. Во тој процес значајна е и улогата на Марин Марешал, која претставува своевидна врска меѓу францускиот суверенистички простор, партиите на Мелони и пошироките европски конзервативни структури. Така се создава нова политичка мрежа во која границите меѓу порано строго одвоените политички табори стануваат помалку јасни.
Европа не се распаѓа, ами се менува
Најважната порака од оваа трансформација можеби е дека европскиот политички конфликт повеќе не се води едноставно меѓу „проевропски“ и „антиевропски“ сили, туку новата линија на поделба гласи: Каква Европа сакаме?
Според нашите соговорници, дипломати од кариера и постојани наши соработници и брифери, постојат три попрепознатливи визии за патот по политичката перипетија на Европа.
– Едната визија бара дополнителна европска интеграција и посилни заеднички институции. Втората бара посилни национални држави и ограничување на надлежностите на Брисел. Третата оди уште подалеку и го доведува во прашање самиот европски институционален модел. Затоа подемот на суверенистичките партии не треба автоматски да се толкува како најава за распад на Европската Унија. Поважната промена е во тоа што тие постепено престануваат да ја гледаат ЕУ само како нешто што треба да се напушти. Сè повеќе ја гледаат како институционален простор што може да се освои и преобликува. Мелони е првиот голем европски пример за таквата стратегија. Ле Пен може да биде нејзиниот следен голем тест. Ако таа трансформација продолжи, Европа би можела да влезе во нова политичка ера, и тоа не во која суверенистите ја напуштаат Европа, туку во која се обидуваат да ја променат одвнатре. И токму тоа е вистинската европска пресвртница. Битката повеќе не се води само за тоа дали ќе има Европа, туку каква Европа ќе има – анализираат нашите ценети соговорници. Р.С.
Жените како ново лице на суверенистичката политика
- Џорџа Мелони, Алис Вајдел, Марин Ле Пен и Марин Марешал. Тоа е значајна промена во однос на традиционалната слика за националните и суверенистичките движења како претежно „машки политички простор“…
Интересен родов аспект на европските промени регистрираат нашите соговорници дипломати.
– Особено впечатлив аспект на оваа европска промена е фактот што нејзини најпрепознатливи фигури се жени: Џорџа Мелони, Марин Ле Пен и Марин Марешал. Тоа е значајна промена во однос на традиционалната слика за националните и суверенистичките движења како претежно „машки политички простор“. Мелони веќе покажа дека жена со суверенистички политички профил може да стане премиер на една од најголемите европски држави и влијателен фактор во европската политика. Натаму, Ле Пен се обидува истиот политички процес да го доведе до неговата француска кулминација.
Но зад феноменот стои и поширока социјална промена. Суверенистичките партии се обидуваат да ги привлечат гласачите што традиционално ѝ припаѓале на левицата, особено работниците и пониските и средните слоеви, со теми како социјалната сигурност, националниот интерес, миграцијата и економската заштита. Така се менува и класичната политичка географија.
Прашањето повеќе не е само кој е „лев“ или „десен“ туку и кој успева да го артикулира незадоволството на граѓаните што се чувствуваат како губитници во процесите на глобализацијата и европската интеграција – истакнуваат нашите ценети соговорници. Р.С.
































