Етика за млади

Стигна порака со важна содржина. Ја повикуваат Марија да оди да работи далеку, во Африка. Таа се радува зашто ќе може да покаже што знае. За таквата должност долго се подготвуваше и учеше многу, и дома и во странство. Другите ѝ честитаат за шансата што ја доби и на Марија ѝ даваат разни совети. Само нејзиниот внук Александар е малку растажен.
Тој знае дека тетка му има важна професија и дека сака да добие меѓународни
задачи. Често седеше покрај неа кога на компјутерот пребаруваше да најде ваква работа и кога по интернет испраќаше свои понуди за да ја ангажираат. Дури и тој ѝ даваше некои совети што да напише во својата преписка и таа понекогаш го послушуваше. Тој се смета за дел до нејзината кариера. Но друго беше кога вака бараше работа, а друго сега кога треба да си оди.
Си замисли дека на толкава далечина можеби нема да ја види неколку години. Ја праша дали таму има интернет и го смири одговорот дека компјутерска пошта има насекаде во светот.
Некои ѝ зборуваат на Марија дека е тешко да оди далеку и дека треба да размисли и да се откаже. Тогаш Александар го брани решението на тетка си. Тој секогаш е на нејзина страна и ја смета за модерна млада жена, за свој образец како да размислува и да работи во животот. Сепак, не му е сеедно што таа заминува, почна да се оддалечува од неа.
Стигна и последната недела. Иако тетка му го бара, тој слабо оди кај неа, а таму главно молчи. Таа го уверува дека ќе биде сѐ во ред со неа, а Александар мисли што ќе биде со него без неа. Постојано замислува де едно де друго – како сето тоа се откажува, како тој многу плаче, а таа решава да остане поради него, како ќе се врати брзо… Дури си помисли како би било тетка му да го земе со себе. Тоа беше забавно, но малото момче го отфрли тоа како неизводливо и глупаво.
Така ги созна вистинските одговори. Таа ќе замине за да си ја реализира својата цел и да се покаже како добар експерт. Тоа е добро. Тој ќе остане тука, ќе ја чека и ќе учи, за да биде силен во знаењето како тетка си. Тоа е добро. Ќе се допишуваат.
Александар од заштедените пари ѝ купи маица на тетка си, за да ја носи во Африка. Пред да одлета со авион ѝ рече: „Среќен пат!“ Се гушнаа и се бакнаа, знаеја дека чувствата меѓу нив остануваат исти. Александар реши да научи добро да го користи компјутерот за да може брзо да ѝ пишува на тетка си.

Автор: проф. д-р Кирил Темков 


Етичка мисла

Животната цел на секого е секогаш иста: да напредува во доброто.

Лав Толстој, руски писател