Фото: Игор Бансколиев

Дали одложувањето на гласањето за предлогот за пристапување кон измена на Уставот е спротивно на Деловникот на Собранието? Од повеќето правни експерти со кои разговаравме за објективен и аргументиран одговор на ова прашање следуваше одговор чиј заеднички именител беше констатацијата дека „во петокот на 18.8.2023 година, Собранието мораше да се изјасни за оваа точка од дневниот ред веднаш кога заврши дискусијата и имаше обезбедено кворум за работа во пленарната сала“

Забележливи реакции во јавноста на граѓани, правни експерти и на политички аналитичари предизвикани по последната седница на македонското собрание

Постапката за изменување закон и други акти е едно прашање, а постапката за измена на Уставот е сосема друго прашање, кои различно и одделно се обработени во Деловникот на Собранието. Имено, претседателот на Собранието применил одредби што не се однесуваат на постапката за измена на Уставот. Во исто време, претседателот на Собранието ги прекршил општите одредби од Деловникот што се однесуваат на одлучување и гласање. Тоа е ставот на правните експерти во врска со процедурата применета од страна на првиот пратеник меѓу еднаквите, кои додаваат дека токму ваквото практикување, поточно кршење на Деловникот, законите, па и на Уставот на Македонија, не е првпат да се случува во највисокиот законодавен дом, со што, нагласуваат нашите соговорници, парадоксот на кршење на позитивното право и правната процедура е генериран токму во Собранието?!

Загубени во членовите на правните акти

Според сите правни експерти и политички аналитичари со кои се консултиравме, заедничкиот заклучок што може да се извлече од нивните забелешки е дека „претседателот на Собранието за одложување на гласањето на предлогот за пристапување кон измена на Уставот го примени членот 165, став 1, што воопшто не се наоѓа во главата 10, која ја регулира постапката за измена на Уставот“. Имено, споменатиот член „се наоѓа во глава 9, која регулира постапка за донесување на закони и други акти, кои подолу во самата глава се поименично одредени“. Понатаму, соговорниците издвојуваат дека „главата 9 не може да се применува за постапката за измена на Уставот, бидејќи во Деловникот за работа на Собранието постои посебна глава за постапката за измена на Уставот“!
При одлучувањето за предлогот за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на Собранието мораше да ги примени одредбите од членот 95 и членот 96 од главата 5 на Деловникот. Токму таа глава од Деловникот (на база на општи одредби) го регулира текот на седницата на Собранието без разлика за какви точки на дневен ред се расправа. Овие два члена не му даваат никакво право на претседателот на Собранието да одложи гласање по точка од дневниот ред за која постојат посебни нормативи во посебна глава од Деловникот, а не е дел од главата 9.

Според Деловникот, кога претседателот на Собранието може да одложи гласање според споменатиот член 165, став 1?

Според поранешниот пратеник на Собранието, Илија Димовски, повикувајќи се на Деловникот за работа на Собранието, точно дека претседателот на Собранието може да одложи гласање. Но веќе ако се повикува на членот 165, став 1, тоа може да се случи за следниве гласања:
– Според членот 165, став 1, спикерот на Собранието може да одложи гласање во случаите на Донесување или измена на закон; Амандмани на закон; Автентични толкувања на закони; Пречистен текст на закон; Буџет и ребаланс на буџет; Завршна сметка на буџет; Деловник на Собранието; Декларации; Резолуции; Одлуки, Препораки; Анализи, извештаи, информации и други материјали; Потврдување и давање согласност на статути и други општи акти; Ратификација на меѓународни договори; и Граѓанска иницијатива на државно ниво – анализира поранешниот пратеник Илија Димовски.
Во исто време, Димовски е дециден за случаите кога претседателот на Собранието, повторно повикувајќи се на собранискиот Деловник за работа, „не може да го примени членот 165, став 1, туку мора да ги примени членот 95 и членот 96“?
– Притоа, спикерот не смее да одложи гласање за следните постапки: Измени на Устав; Одговорност на претседател на државата; Одговорност на Владата; Избор на потпретседател на Собранието; Избор на генерален секретар на Собранието; Одлуки за имунитет на пратеник; Одлуки за мандат и одземање мандат на пратеник; и за Интерпелација – вели во својата исцрпна анализа поранешниот пратеник Илија Димовски.
Во врска со ова прашање, за читателите го пренесуваме во интегрална верзија јавното обраќање на експратеникот Димовски до претседателот на парламентот, Џафери, а наедно го пренесуваме и ставот на Џафери искажан на прес-конференција, вчера во 13 часот.


Отворено обраќање на поранешниот пратеник Илија Димовски до претседателот на Собранието

Почитуван господине Талат Џафери, би сакал да ви укажам да размислите за неколку работи доколку цените дека е потребно да го искористите моето укажување до Вас.
Знам што ќе ви биде аргументот на одбрана по ова мое пишување за прекршувањето на Деловникот кое го направивте со одложувањето на гласањето за уставните измени.
Но немојте, повторно нема да бидете во право.
Ќе речете дека и друг пат, кога претседател на Собранието беше вашиот претходник се постапувало на ист начин.
Но тоа нема да е точна одбрана, бидејќи примерот кој ќе го користите не се однесува ниту на првата фаза во постапката за измена на Уставот на Република Македонија, која во тој случај пред 7 – 8 години веќе беше изгласана и беа обезбедени 80 пратеници кои гласаа и дадоа поддршка за да се пристапи кон уставните измени. Вие не сте ни приближно таму, каде што беше Собранието тогаш. Немате обезбедена ниту политичка позиција за оваа постапка, а за деловничка воопшто не.
Второ, дури и кога го применувате член 165, став 1 од Деловникот, Ве молам применувајте го целосно, бидејќи вие во тој член имате императивна норма која ве обврзува во моментот на заклучување на расправата да го одредите денот и часот кога Собранието ќе се изјасни. Знам дека ве нервираат ограничувањата на вашите права, ама вие сте еднаков со сите други 119 пратеници и немате моќ да излегувате од Деловникот.
И трето, мислам и учтиво ви укажувам дека треба да направите чекор назад и да одлучувате заедно со сите други 119 пратеници, барем сега на самиот крај на мандатот.
Вашата одговорност е да обезбедите Собранието да функционира според Деловникот и Уставот, а не според Вашата лична желба и проценка или желбата на Владата.
Имате повеќе години, повеќе искуство и би рекол повеќе такт и мудрост од неколкуте министри кои ја буткаат оваа измена на Уставот.
Не морате да постапувате како нив.
Од Вас очекувам да знаете дека ваква одлука спротивно на волјата на македонскиот народ, сега дури и по втор пат, ниту смеете ниту е добро да ја донесете.
Искористете го моето укажување за прекршувањето на Деловникот кое го направивте со недозволена примена на член 165, став 1, закажете продолжение на седницата, ставете го на гласање овој незрел предлог на Владата и не дозволувајте државата и политичката состојба да влезат во сериозна криза.


Џафери: „Тенденцијата за криво информирање го навело пред граѓаните
да ја образложи својата постапка“

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера на прес-конференција ги отфрли реакциите на јавноста и на експертите (што ги прифатија и опозиционерите во македонскиот парламент) дека постапил неделовнички кога го одложил гласањето за потребата за уставни измени по исцрпувањето на листата на говорници на пленарната седница на 18 август. Претседателот на Собранието рече дека се прават наративи за божемно прекршување на Деловникот за работа на Собранието и дека свикал прес-конференција „не да одговара и да се објаснува со оние што ги знаат овие процедури, туку поради чувството на одговорност кон граѓаните поради тенденцијата за лажно информирање“. Џафери рече дека „тенденцијата за криво информирање го навело пред граѓаните да ја образложи својата постапка“.
– Седницата беше свикана за 18 август според главата 5 на Деловникот во која се пропишани чекорите за текот на една седница. Таму се регулираат свикувањето, текот на седницата и сите чекори. Врз основа на тие постапки, отпочната е седницата, усвоен е дневниот ред, отворен е претрес, одржан е претрес и завршен е претресот со констатација дека претресот е завршен, како и дека ја прекинувам седницата, а за продолжението дополнително ќе бидат пратениците известени. Ова произлегува од членот 81 од Деловникот, кој сакам целосно да го цитирам, а не делумно како што тоа го прават во јавните настапи: „Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога нема мнозинство и во други случаи кога тоа е неопходно“. Ова е ставот врз основа на која е прекината седницата – рече Џафери.
Тој вели дека нема дилема за одлуките и постапките за водење на седницата.
– Јас констатирав дека претресот е завршен. Тоа врз основа на членот 81 од Деловникот. А дека пратениците знаат по која основа се прекинува седницата, доказ е фактот што пред говорот на Јован Митревски, односно при завршување на говорот на Кастриот Реџепи, на процедурално се укажува на наводно можна злоупотреба на Деловникот со прекинување на дебатата. Од каде знаеле дека прекинува? Тоа значи дека по координациите, јас како претседател на Собранието не седам во кабинетот и само се спуштам на седница и одлучувам, туку се имаат сознанија како ќе тече седницата – додаде Џафери.