Животни

Почнуваат ниски температури проследени со дожд и снег во наредниот период, па затоа треба да се грижиме за животните што живеат по улиците на нашите градови и страдаат од ниските температури, а најчесто немаат засолниште од смрзнување. Крзното не е доволно, животните многу брзо чувствуваат студ, особено постарите, што е спротивно на популарното мислење дека никогаш не им е ладно.
Првата и основна работа што треба да се направи е да се нахрани животното што е надвор, бидејќи тогаш нивното тело бара повеќе храна за да се стопли. Остатоците од храната не фрлајте ги во кантите за отпадоци, оставете ги до нив – некому добро ќе му дојдат.
Ќебињата и картонот како подлога за спиење можат малку да го олеснат студот. Ќебињата се добра опција само ако надвор е суво, но ако не е, кога животното ќе стапне на ќебето со влажна шепа, може да замрзне ако температурите се под нулата. Чукнете на хаубата пред да влезете во вашиот автомобил, мачките знаат да се свиткаат до моторот за да се загреат. Ако одлучите да оставите храна за кучиња или мачки некаде на улица, изберете сува храна за да не замрзне.
Со овие неколку едноставни совети сите можеме да им помогнеме на уличните мачки и кучиња да не смрзнуваат во текот на зимата.