Четврта изведба на театарската претстава „Скопјани“ ќе се одржи утревечер, во 20 часот, во „Јавна соба“. Претставата е колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска, во режија на Милош Б. Андоновски. Улогите ги играат: Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов, Ангела Стојановска.
Драматургијата и драматизацијата на расказите се на Ивана Нелковска и на Милош Андоновски. Драматургијата на личните приказни е на Ева Камчевска.
Костимографка е Ирина Тошева, асистентка на костимографија Ива Ивановска
сценограф Мартин Манев, асистентка на сценографија Симона Димковска.
Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура на РСМ и Град Скопје.
– Претставата „Скопјани“ е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и ги бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје. Оваа претстава не зборува за „старо Скопје“, за ослободувањето на Скопје, за земјотресот и Кензо Танге, туку за градот денес. Го согледува односот на локалците и дојденците, нивните перцепции за градот, нивните недоразбирања и соживот – вели Милош Андоновски, режисер на претставата.
Талкајќи низ улиците, преку мостовите и покрај плоштадите пристигнуваме во секојдневието на луѓето што го сочинуваат градот. Шест актери преку своите животи се нурнуваат во приказните за други лица што се жители на истиот град.
– Водејќи се низ наративната мапа на „Улиците што ги нема“ од Оливера Ќорвезироска создадовме приказна за нас, за тоа што е сега, за тоа што останало изгубено, за нешто што постојано се трансформира и за тоа што ни е заедничко – вели Ивана Нелковска, која ја направи драматизацијата на расказите.