По повод 80 години од неговото раѓање, на 28 јануари 1943 година, на ѕидот на кој се поставени фотопортретите на доајените на македонската кинематографија, Кинотеката го постави портретот на филмскиот режисер и сценарист Кирил Ценевски, кој почина на 17 јуни 2019 година во Скопје.
Кирил Ценевски првпат на игран филм професионално е ангажиран во „Вардар филм“ – Скопје, како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“, од 1970 година, а веќе следната 1971 година, Ценевски го режира дебитантскиот игран филм „Црно семе“, неговото најпознато остварување и без сомнение еден од најзначајните филмови во историјата на македонската кинематографија воопшто. За „Црно семе“, филм што ја раскажува приказната за македонските заточеници на пуст грчки остров за време на Граѓанската војна во Грција, Ценевски добива повеќе награди на најзначајните фестивали во тогашна Југославија, а „Црно семе“ е и прв македонски игран филм повеќекратно наградуван на интернационални филмски фестивали: „златна арена“ за режија на најзначајниот југословенски фестивал во таа епоха – Пулскиот филмски фестивал; „златен венец“ за најдобар режисер дебитант, исто така во Пула; „жар птица“ за најдобар режисер дебитант на фестивалот во Москва; „златен лачено“ за режија во Авелино; македонската републичка награда „11 Октомври“, а бил и југословенски кандидат за „оскар“ во 1972 година.
По извонредниот успех на „Црно семе“, четири години подоцна, во 1975 година, повторно во продукција на „Вардар филм“, следува уште едно врвно остварување на Ценевски, кој наедно е и сценарист на филмот, филмскиот спектакл „Јад“, досега единствениот македонски филм со средновековна тематика, за кој добива „специјална награда“ во Карлови Вари. Се работи за двочасовна историска фреска, која сосема ги отсликува контроверзиите на своето време и е обременета со истите стереотипи од кои боледува и историската наука на епохата.
Потоа Ценевски се врти кон документарниот филм и по сценарио на поетот Анте Поповски, кој во тој период застанува на чело на „Вардар филм“, реализира серија портрети на венцоносците на „Струшките вечери на поезијата“.
Филмот „Леополд Седар Сенгор“ е реализиран во 1975 година и претставува портрет на африканскиот државник и поет нобеловец, претседател на Република Сенегал – Леополд Седар Сенгор. Филмот „Еугенио Монтале“, е реализиран во 1976 година и вообичаено го портретира венценосецот, овој пат големиот италијански поет, исто така нобеловецот Еугенио Монтале. Следува документарецот во боја „Џафра“, нова соработка меѓу Поповски и Ценевски, реализиран во 1978 година во Либан, поточно во бегалскиот камп Тал ел Затр близу до Бејрут. Во филмографијата на Ценевски следуваат уште три документарни филмови портрети на добитници на наградата „Златен венец“. Во меѓувреме, Ценевски му се враќа и на играниот филм и во 1980 година го реализира својот трет долгометражен игран филм, „Оловна бригада“, суптилна и храбра критика на бирократизираното социјалистичкото општество, преку портретирања на случувањата во рударското окно. Пет години подоцна, во 1985 година, Ценевски го реализира својот последен игран филм, „Јазол“, трагична и драматуршки комплицирана приказна за депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка за време на Втората светска војна, со големиот српски актер од македонско потекло Лазар Ристовски во главната ролја.
– Ако Ценевски во македонската кинематографија дојде од „никаде“, и крајот на неговата кариера некако заврши – „никаде“. Авторот, кој беше пречекан како анфан терибл на македонската кинематографија и инстантно величан безмалку како толку посакуваниот месија на новата доба, режисерската кариера ја заврши на 42-годишна возраст. Тоа е истата или сличната возраст на која другите автори ги снимаа нивните дебитантски дела; и во двата случаја се работи за истата, или слична, неправда – велат од Кинотеката на Македонија.