Новото истражување покажа дека мравките можат да откријат тумор во примерок од урина благодарение на нивните моќни рецептори за мирис. Во истражувањето се наведува дека мравките Formica fusca ги откриле туморите така што ја „мирисале“ урината од пациентите.
– Мравките може да се користат како биодетектори за да се разликуваат здравите индивидуи од оние што имаат тумор. Тие се лесни за „тренинг“ бидејќи брзо учат, многу се ефикасни и не се скапи за одржување – вели Патриција де Торе, авторка на истражувањето.
Органските соединенија, кои се ослободуваат во случаите на канцерогени тумори, се присутни во физиолошките течности, вклучувајќи пот, урина, па дури и пареа од здив.
Водачот на истражувањето и главен автор Баптист Пикере и неговиот тим започнаа ксенотрансплантација на тумори на рак на дојка кај глувци и го овозможија нивниот развој. Потоа, научниците земале примероци од урина од здрави и од болни животни за да ги анализираат.
Во студијата, мравките можеа да го поврзат мирисот на тумор со награда со тоа што добија капка засладена вода пред примерок од урина од болен глушец. Тие останале во близината на урината на болните глувци околу 20 проценти подолго од урината на здравите глувци по повлекувањето на шеќерната вода, бидејќи барале повеќе. Мравките биле „научени“ на новата задача со само три тренинзи или вкупно десет минути. Тоа е многу побрзо од кучињата што откриваат рак, бидејќи нивната обука трае до шест месеци.
– Ги научивме да го поврзуваат мирисот на рак со награда. Покажавме дека мравките можат да разликуваат урина од здрави и болни глувци. Бевме изненадени колку мравките се сигурни и ефикасни – додава научникот.
Црните мравки познати како Formica fusca живеат низ цела Европа, но и во одредени региони на Јужна Азија и на Африка.