Изложба на цртежи работени со молив на исклучително талентираниот уметник по вокација архитект Марјан Ризовски од Скопје е отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Многу е ретка можноста на едно место да се видат толку дела, исклучиво работени со молив, бидејќи најчесто цртежот во молив во функција на скица за уметничкото дело првично ни го открива талентот на уметникот. Но во случајот на Марјан Ризовски откриваме колку тој го негувал и развивал низ годините својот талент и останал верен и доследен на својот ликовен ракопис.
Неговата ретроспективна изложба во Кавадарци низ шеесетина дела раскажува носталгична и топла приказна за македонската староградска архитектура и целиот раскош на градбите на македонските цркви и манастири. Всушност, во неговите дела се вткаени многу приказни што раскажуваат за пејзажите и архитектурата на прекрасните градови и места во Македонија, кои на миг ве маѓепсуваат и ве тераат да ги видите одблизу, да се втурнете подлабоко во нив, па дури и да посакате да ја допрете рапавоста на ѕидот од црквата.
– Со чудесна мекост на моливот и со чувство на третирање и на архитектонските форми и на пејзажот, со достојна мера на сензибилитет, ни ги претставува убавините и раскошот на нашата сакрална архитектура и на македонскиот пејзаж. Во пејзажот на Ризовски не постои небо. Тоа останува чиста обична бела површина, што е мошне ретко и мошне смело, момент каде што се губи третиот план на пејзажот, а перспективата останува присутна – ќе напише за неговите дела академик Томе Серафимовски.
За Љупчо Маленков, цртежите на Марјан Ризовски претставуваат внимателно набљудувани ситуации и фрагменти од реалниот амбиент, кои во цртежот го добиваат своето значење и најсликовито ги оправдуваат своето создавање и опстојување.
– Играта на светлоста и сенките е исто така забележана во неговите цртежи, па така ги среќаваме прекршени и разбиени, добивајќи автохтоно значење во специфичниот амбиент. За Ризовски цртежот е прецизен, но на моменти и условен од уметничкиот нерв. Потезите се одмерени и скромни во барањата. На моменти се соочуваме со употребени силни и вешти ракурси, а другпат со леснотијата на цртежот во молив. Станува збор за самостојно и автентично дело што нѐ наведува на максимата дека „цртежот е чесност во уметноста“- ќе напише во каталогот Љупчо Маленков.