Светот е сцена
Рендгенските снимки веќе неколку години се користат во светот на уметноста. Тоа е една од најмалку инвазивните методи со која се служат историчарите на уметноста и реставраторите при анализата на сликите, со која, на пример, можат да видат невидливи пукнатини за окото на платното и разни други оштетувања. Понекогаш се случува на рендген-снимката да се појават скриени слоеви на претходната верзија на сликата што уметникот ја пребоил, а неодамна скриени слики беа пронајдени под делата на двајца врвни уметници, Ван Гог и Модиљани.
Во текот на реставраторскиот преглед на сликата „Глава на селанка“ на Винсент ван Гог во колекцијата на Националните галерии на Шкотска, под слоевите на боја, лепак и картон, откриен е нов автопортрет. Оваа „скромна мала слика“, како што опишува шкотската конзерваторка Лесли Стивенсон, во 1960 година им ја донирал адвокатот од Единбург, Алекс Метланд, а дошла под рендген во текот на подготовките за летната импресионистичка изложба на Кралската шкотска академија. Не очекувале многу, но рендгенот под лицето на селанката го открил ликот на Ван Гог, сличен на неговите познати автопортрети.
На снимката се покажал, иако уметникот го покрил со нови слоеви, бидејќи е насликан со оловно белило, еден од најстарите и меѓу сликарите во текот на историјата омилени пигменти, што веќе не се користи поради штетноста за здравјето. Стручњаците од Националните галерии на Шкотска сметаат дека овој автопортрет припаѓа на серијата такви слики на Ван Гог, насликани на опачината на некои платна во времето кога уметникот живеел во Нунен, Холандија. Сега ќе се обидат да го извлечат на виделина, и тоа многу внимателно, за да не ја оштетат оригиналната слика.
На истиот начин, кустосите на музејот „Хечт“ во израелскиот град Хаифа, под сликата „Гола жена во шапка“ пронашле дури три скици на славниот италијански уметник Амадео Модиљани. Едната од нив првпат ја забележале уште пред 10 години, кога обидувајќи се да ја изострат забележале уште две нови скици. Стручњаците сметаат дека тие им припаѓаат на некои од ретките рани дела на сликарот, кога уште не го развил својот препознатлив стил на сликање, што го карактеризираат издолжени вратови и тенки раце и нозе. А пред неколку години, рендген под ремек-делото на Модиљани, „Портрет на жена“, пронајде уште еден, дотогаш непознат портрет на неговата партнерка Беатриче Хастингс.
Вакви скриени скици биле пронајдени и под некои слики на Пикасо, но и под дела на Едгар Дега и под славната „Ноќна стража“ на Рембрант.