Поетската манифестација „Детски гласови 2022“ и промоција на истоимената збирка песни

На 24 септември во Ресен

Здружението за граѓанска иницијатива во културата „Жар Преспа“ од Ресен,
оваа година по трет пат ја организира детската поетска манифестација „Детски гласови 2022“. Настанот ќе се одржи на 24 септември, во 16 часот, во спортската сала „Зоран Стојановски“, за првпат како дел од програмата на „Преспанскиот јаболкобер 2022“. Покровител е локалната самоуправа, а програмска уредничка е Даринка Веслиевска.
Оваа година се пријавија над 70 деца автори од осум до 18 години од речиси сите градови и села на нашата Македонија. Почнувајќи од Ресен, Преспа, Битола, Демир Хисар, Прилеп,Маврово и Ростуше, Жировница, Тетово, Куманово, Скопје, Струмица, Кавадарци, Штип, Пехчево, Македонски Брод … Збирката ја сочинуваат 70 песни напишани од деца и младинци, кои твореа на слободна тема и создадоа уште едно шаренолико, прекрасно дело од низата поетски збирки.

Рецензентка на збирката е Биљана Тодоровска, воведот е на почитуваниот писател за деца и млади Горјан Петревски, лектор е Рамазан Раманоски. Дизајнот на корицата е на Даринка Веслиевска, која е и уредничка. Членови на жири-комисијата се: Валентина Јовановска, Весна Принзевска Здравевска и Тања Ангеловска, а водителка е Сара Марковска.
На манифестацијата ќе биде промовирана збирката и децата ќе си ги читаат своите песни, а ќе им бидат доделени збирки и пофалници на младите автори, како и награди за најдобрите.
Настанот ќе биде збогатен со музички точки од Симона, Наум и Стефан, кои за првпат ќе настапуваат, а цел на здружението е да се откриваат нови млади таленти и да се промовираат во јавноста. Со танцови точки ќе настапуваат членови на танцов спортски клуб „Спортакус“ од Битола, каде што тренерка е професорка е Дона Димовска.
Радува фактот што манифестацијата расте и има сѐ поголем интерес за неа меѓу младите. Поддршката од своите ментори, родители и целото општество многу им е потребна на овие наши таленти за понатаму да продолжат да творат и да станат поети што ќе го негуваат својот мајчин јазик и ќе создаваат дела за почит. А токму ваквите настани се зачеток, подадена рака и поттик на една нова генерација што ја полни творечката галаксија со уште една светла ѕвезда – збирката „Детски гласови“.