Етиката зборува за доброто кај луѓето. Секој треба да се труди да биде добар и сѐ подобар, да ги проширува знаењата и да дејствува подобро и поуспешно. Етиката истакнува три идеали што старите ги сметале најважни за човештвото, а кои денес се најпотребни за луѓето: доброто, вистината и убавината.
Овие три вредности се однесуваат на човечкото творење, чии дела се оценуваат како убави или грди, на човечкото поведение, кое може да биде добро или лошо и на човечките сознанија, за кои е суштествено дали се вистинити или лажни.
Вистината е кога нашите знаења се точни, онакви каква што е реалноста. Тогаш сознанијата се меѓусебно согласни и имаме корист кога ги употребуваме. Вистината му е многу потребна на човекот, таа му овозможува да дејствува добро и да живее, да се разбира со луѓето, да постапува правилно, да не греши и да нема штета. Тогаш тој/таа не прави лошо поради незнаење.
Затоа треба да се стремиме кон вистината. Вистинољубивоста е една од најголемите добродетели. Таа кажува: Секогаш барај ја и зборувај ја вистината!
Но кај луѓето е раширена и лагата – која е спротивност на вистината. Од лагата се срамат и неа ја избегнуваат чесните луѓе. Нечесниот, обратно, бега од вистината. Мнозина не можат да ѝ гледаат на вистината во очи, се плашат од реалноста. Со лагата сакаат да ја скријат состојбата. Тука лагата е израз на внатрешно страдање на личноста, која бега во нереални сништа и заблуди.
Стремежот кон вистината е една од основните етички насоки, а лагата е основна негативна постапка, која е срцевина на егоизмот, алчноста, зависта, злобата, непријателството. Само вистината му е потребна на човекот и му помага да се снајде и да успее во животот.
Почитувањето на вистината е најважната задача на секој човек.

Автор: проф. д-р Кирил Темков 


Етичка мисла

Вистината постои, само лагата може да се измислува.

Жорж Брак, француски сликар