Фото: ЕПА

ЕВРОПА ПОД ПРИТИСОК НА УЛИЧНАТА ДЕМОКРАТИЈА

И во Париз и во Тирана, пламените улици се симптом на сè подлабокото незадоволство од политичките елити и институциите. Но додека Франција се соочува со експлозија на социјалниот гнев, Албанија се соочува со директен предизвик за власта. Слични се сликите на насилство, на прв поглед, различни се причините, политичките контексти и можните последици. Без да ги изедначуваме двете кризи, засега површински се препознава дека во Франција акцентот е врз социјалниот договор и јавните услуги, додека во Албанија акцентот е на експлозија на незадоволството против корупцијата, политичката одговорност и довербата во владеењето. А и Париз и Брисел до вчера за Албанија тврдеа нешто сосема спротивно.

1. ФРАНЦИЈА ГОРИ ПОД ПРИТИСОКОТ НА ГНЕВОТ

Од училишните блокади до запалените градски згради – социјалното
незадоволство се претвора во национална криза

Франција повторно се соочува со немирна есен, во која незадоволството од сè поскапиот живот, ослабените јавни услуги и состојбите во образованието излезе од училишните дворови и се прелеа на улиците на големите градови. Демонстрациите од 17 октомври ја претворија социјалната фрустрација во отворен судир меѓу дел од демонстрантите и безбедносните сили.
Според француското Министерство за внатрешни работи, на околу 110 собири низ земјата учествувале приближно 550.000 луѓе. Организаторите, меѓутоа, проценија дека бројката достигнала 800.000. Иако мнозинството демонстрации поминале мирно, насилството во Париз, Лион, Марсеј и во Лимож ја засени пораката на протестот.
Во Париз полицијата употреби солзавец и водни топови, додека маскирани лица фрлаа камења и пиротехнички средства, палеа возила и ограбуваа продавници. Во Лимож избувна пожар во градското собрание, а во Марсеј демонстранти накратко навлегоа во зградата на општината. Билансот и размерите на приведувањата се менуваа во текот на денот: „Асошиејтед прес“ првично објави за околу 400 приведени, додека подоцнежниот извештај на „Гардијан“, повикувајќи се на премиерот Себастијан Лекорни, наведе повеќе од 1.200. Зад овие сцени стои поширока криза. Протестите започнаа со незадоволство на средношколците поради недостигот од наставници, лоши училишни услови и пренатрупани училници, а потоа се проширија со барања за повисоки плати и пензии, пониски цени и заштита на јавните услуги.

Духот на „жолтите елеци“ повторно ја прогонува власта

Повиците за обновување на движењето на „жолтите елеци“, кое во 2018 година ја потресе Франција поради социјалната неправда и цената на горивата, покажуваат дека денешниот гнев не е изолиран инцидент. Тој е дел од подлабокото чувство дека економскиот товар несразмерно паѓа врз домаќинствата со помали приходи. Претседателот Емануел Макрон го осуди уништувањето на јавниот и приватниот имот, додека владата најави дека одговорните ќе се соочат со законот. Но паралелно со прашањето за јавниот ред се отвора и прашањето за полициската употреба на сила. Повредувањата на млади демонстранти, вклучително и тешки повреди на рацете, дополнително ги заострија критиките кон тактиките за разбивање на протестите. Насилството, секако, не може да се изедначи со легитимното право на демонстрации. Но ниту неговото осудување само по себе ги отстранува причините поради кои десетици илјади млади и стотици илјади граѓани излегуваат на улица. Француската власт сега се соочува со двоен предизвик: да го спречи ширењето на насилството, но и да покаже дека ги слуша барањата на оние што сметаат дека институциите сè помалку одговараат на нивните потреби. Ако второто изостане, полициските кордони можат да ја смират улицата само привремено – но не и гневот што ја полни. Р.С.


2. АЛБАНИЈА НА РАБОТ НА ЕКСПЛОЗИЈА

Огнот се шири во Тирана, ја зафаќа и владата на Рама

  • Корупциските афери, недостигот од перспективи и гневот кон политичките
    елити го претвораат студентскиот бунт во најсериозниот предизвик за
    премиерот во последните години

Тирана ја доживува една од најнапнатите политички недели во последните години. Протестите што започнаа со барања за подобри услови на универзитетите, помали трошоци за студирање и поголема поддршка за младите прераснаа во отворено антивладино движење, со едно централно барање: оставка на премиерот Еди Рама. На 14 октомври, десетици илјади демонстранти излегоа на улиците, а судирите со полицијата ескалираа во палење на зградата на Министерството за образование и на две банкарски експозитури. Фрлањето камења, кршењето излози и употребата на солзавец и водни топови покажаа дека протестот излегол од рамките на вообичаеното студентско незадоволство. До 17 октомври, движењето влезе во петтиот ден, со нови собири пред Министерството за образование и судири меѓу маскирани демонстранти и полицијата. Според податоците на албанската полиција пренесени од „Ројтерс“, околу 500 лица биле приведени, од кои 330 биле ослободени. Пријавени биле и околу 120 повредени полицајци и 45 повредени демонстранти, со напомена дека реалниот број повредени учесници можеби е поголем. Но причина за протестите не е само незадоволството од образованието. Во центарот на бунтот се и обвинувањата за корупција, недостигот од работни места и впечатокот дека политичката и економската моќ се концентрирани во рацете на тесен круг луѓе. За многу млади Албанци, проблемот не е само колку чини студирањето туку дали воопшто имаат иднина во сопствената земја.

Рама одбива оставка, но политичката цена расте

Рама, кој е на власт од 2013 година и освои четврти мандат на изборите во 2025 година, одбива да се повлече. Неговиот став е дека владите се менуваат преку демократски избори, а не со насилство на улиците. Истовремено, тој ги отфрла обвинувањата за сопствена незаконитост, додека неговата администрација е под притисок поради повеќе корупциски афери. Незадоволството дополнително го разгоре контроверзниот проект за луксузен туристички комплекс на албанскиот југ, поврзан со бизнис-интереси на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот се соочи со правни спорови и критики за располагањето со земјиштето и заштитата на природата. „Ројтерс“, сепак, наведува дека не утврдил докази за незаконско постапување на Кушнер во спорот со локалните жители. Особено е значајно што протестот не е предводен само од традиционалната опозиција. Во него се вклучи и Марјана Кочеку, 25-годишна пратеничка, која претходно била избрана со поддршка на Рама, а сега настапува како независна политичка фигура. Нејзиниот пресврт ја отсликува кризата на доверба што ги зафаќа и помладите генерации во политичкиот систем. Насилството не е решение за корупцијата, ниту палежите се замена за демократска одговорност. Но кога протестот се шири и покрај полициските интервенции, тоа е предупредување дека институционалните канали за незадоволството не се доживуваат како доволно убедливи. За Рама, предизвикот веќе не е само да ја врати контролата врз улиците. Тој мора да покаже дека државата може да понуди работа, правичност и перспектива за генерацијата што сè погласно одбива да ја прифати политиката како затворен клуб на привилегирани. Р.С.


НЕМИРИ ВО ИТАЛИЈА

Над 50 уапсени во судири со полицијата

  • Протестите против високите трошоци за живот прераснаа во насилство
    во повеќе италијански градови

Насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата ја зафатија Италија, откако протестите против високите трошоци за живот прераснаа во улични немири во Милано, Торино, Болоња и во Бергамо. Најжестоки инциденти беа регистрирани во Милано, каде што маскирани демонстранти фрлале пиротехнички средства врз полицијата и подигнувале барикади на централниот плоштад „Дуомо“. Во обид да ја воспостават контролата, полициските сили се соочиле со агресивни групи демонстранти, а во судирите биле повредени најмалку четворица полицајци и 20 демонстранти. Според италијанската новинска агенција АНСА, повеќе од 50 лица биле уапсени, меѓу кои приближно половина биле малолетници. Немирите се прошириле и во други градови, каде што демонстрантите фрлале камења и пиротехнички средства врз припадниците на безбедносните сили. Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро го осуди насилството, нагласувајќи дека правото на протест не смее да биде изговор за уништување на градовите и за загрозување на јавната безбедност. Таа ја повика и опозицијата јасно да се огради од насилните инциденти. Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека незадоволството на граѓаните поради тешката економска состојба е разбирливо, но дека насилството врз полицијата и материјалната штета не можат да се оправдаат. Растот на цените на горивата, инфлацијата и скапото домување дополнително го зголемуваат притисокот врз италијанските домаќинства, особено врз граѓаните со ниски и средни примања. Најновите настани повторно го отворија прашањето за социјалното незадоволство и безбедноста во италијанските градови, во услови на сè поголем економски притисок врз населението. Р.С.


ПРОТЕСТИ ВО ПОРТУГАЛИЈА

Демонстрантите поставија шатори во центарот на Лисабон

  • Десетици илјади граѓани протестираа против високите трошоци за живот,
    барајќи пониски кирии и повисоки плати и пензии

Десетици илјади граѓани протестираа против високите трошоци за живот,
барајќи пониски кирии и повисоки плати и пензии
Десетици илјади граѓани излегоа на улиците на Лисабон во саботата, протестирајќи против растот на трошоците за живот и продлабочувањето на станбената криза во Португалија. По протестниот марш, демонстрантите поставија десетици шатори на плоштадот „Росио“, во центарот на португалската престолнина, најавувајќи дека ќе останат таму и во наредните денови.
Главните барања на учесниците се обезбедување подостапни станови, намалување на кириите и зголемување на платите и пензиите. Граѓаните предупредуваат дека постојаниот раст на цените и трошоците за домување сè потешко им овозможува да ги покријат основните животни потреби, особено во големите градови. Протестот се одржа во организација на португалската Општа конфедерација на работниците (ЦГТП), која повика на подобри услови за живот и работа. Р.С.