Нов мегапарк, на површина од 30 илјади квадратни метри, ќе никне во општината Чаир. Паркот ќе се протега на просторот на улицата Македонско-косовска бригада, од крстосницата со Втора македонска бригада до крстосницата со Џон Кенеди.
Од Град Скопје информираат дека во паркот ќе има 500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и тревник, две нови спортски игралишта, две нови детски игралишта, две парковски површини за миленици.
Како што се наведува во соопштението на градската администрација, предвидено е изведба и на фитнес-дел, 26 нови летниковци, нови урбана опрема, пешачки патеки и фонтани, со што паркот треба да биде место што ќе придонесе за подобар квалитет на животот и животната средина и ќе биде катче во кое жителите ќе имаат содржини за прошетка и рекреација во слободното време.
Посветено се работи за постепено исполнување на ветувањето за пет нови мегапарка, површини и дополнителни содржини, како една од многубројните мерки што меѓусебно се дополнуваат, Скопје да го решава долгорочно предизвикот со загадувањето. Со новите паркови, кои се предвидени и во Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода и мегапаркот што е во завршна фаза во Ѓорче Петров, активно се работи на реализација на ветеното за пет мегапарка и нови зелени површини и садници, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Д.Т.