Фото: принтскрин

Хрватското Министерство за одбрана во периодот од 2021 до 2026 година ќе набави оружје, муниција и опрема во вредност од 3,8 милијарди евра.

Според денешниот напис во „Јутарњи лист“, помал дел од таа сума, од околу 223 милиони евра, се донирана воена помош од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.

Ова е најголемото издвојување за вооружување и опремување на армијата од војната за независност во 90-те години од минатиот век.

Со оглед на количината и разновидноста на договорените и планираните набавки, може да се каже дека никогаш не е купено повеќе оружје и опрема отколку во овие пет години, потенцира „Јутарњи“.

Во периодот од 2000 до 2020 година, набавката на нови воени системи беше повеќе инцидент отколку практика. Купени се 126 оклопни возила „Патриа“ за 180 милиони евра, 39 воени камиони за 4,5 милиони евра, 27 употребувани германски камиони за 200 илјади евра, 16 самоодни хаубици PzH2000 за околу 430 милиони евра, седум се ремонтирани и купени пет МиГ за околу 18,5 милиони евра.

САД донираа 212 возила МРАП, како дел од сукцесијата, Хрватска набави 10 нови транспортни хеликоптери МИ 171Ш и склучи договор за изградба на пет крајбрежни бродови, кој се уште не е реализиран. И тоа за 20 години беше се од набавка на големи воени системи, истакнува „Јутарњи лист“.