Минатиот вторник на платото пред детската ликовна галерија „Мал Монмартр“, во срцето на старата битолска чаршија, се одбележаа 55 години од основањето на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, а со церемонија на свечено отворање започнаа двете најстари и најголеми светски детски манифестации.
Беше отворена светската детска ликовна изложба „Битола“, која годинава го има своето 41. издание како и 42. издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Дваесет делегации со над 120 учесници се во Битола, и тоа од: Македонија, Турција, Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Кина, Индија, Романија, Полска, Словачка, Израел…
Голем број дипломатско-конзуларни претставници беа дел од манифестацијата од името на своите земји, а еминентни професори од Португалија, Русија и од Романија ја сочинуваа тричлената интернационална комисија, која додели по четири награди на денот на манифестацијата, а на крајот од манифестацијата ги додели наградите за најдобра школа, најдобар ученик и 12 поединечни награди за креативен и уникатен уметнички пристап.
Учесниците имаа обемна програма. Оваа година за првпат за време на колонијата пет дена се сликаше староградска и урбана архитектура во Битола, а беше реализирана и традиционалната посета на Охрид и на 1.000-годишниот манастир „Свети Јован Бигорски“.
Колонијата е резултат на големиот интерес за светскиот детски ликовен конкурс на кој за 2023 година пристигнаа околу 44.000 детски ликовни дела од над 650 државни и приватни школи и од 71 држава, создадени од над 40.000 млади ликовни уметници и талентирани ученици.

М.Т.