ВИЕ НИ ЈАВУВАТЕ

Вики-клубот во Велес ја започнува својата успешна приказна на 18 февруари 2020 година кога почнува со работа седмиот Вики-клуб во Македонија што го води „ГЛАМ Македонија“, Вики-клубот од Велес. Координаторка на клубот е професорката Лили Арсова, а на првата обука за уредување на Википедија беа обучени петнаесетина ученици. Вики-клубот беше отворен во ООУ „Васил Главинов“. Во текот на денот беше потпишан и меморандум за соработка со Општина Велес.
„ГЛАМ Македонија“ како дел од своите активности започна и со реализација на новиот проект „Вики сениор“, кој има цел да обучува и да едуцира возрасни лица низ цела Македонија, за да се создадат нови статии и да се подобрат веќе постојните. Голем број наставници од Велес што ги поминаа обуките се активно вклучени во „Вики сениор“.
Во изминативе три години на настаните што ги организира „ГЛАМ Македонија“, Вики-клубот од Велес, младите членови википедијанци и членовите на „Вики сениор“ активно и успешно се вклучуваат на уредувачките денови, работилници и натпревари. Тие неуморно преведуваат, збогатуваат и создаваат нови статии на Википедија на македонски јазик.

Младите успешни википедијанци лани беа дел и од Вики-кампот од 6 до 8 мај, кој се одржа во комплексот „Кораб Трница“ во Мавровскиот Регион. Учествуваа 40 ученици од основни и средни училишта во Македонија, кои преку меѓусебно запознавање и дружење имаа можност да се запознаат и да бидат обучени за уредување статии на Википедија на македонски јазик. Тие создадоа 353 нови статии на теми за флората и фауната на Википедија на македонски јазик. Меѓу другите активности на Вики-кампот се одвиваа предавања и обуки и заеднички работилници за напредно уредување на Википедија. Стана збор и за начинот на преведување на експедициските теренски истражувања од областа на географијата, природата, земјоделството, културното наследство, архитектурата и археологијата. Исто така учениците имаа можност за организирана прошетка во Шаркова Дупка, како и да слушнат предавање на дипломираниот еколог Икмет Ејупи од националниот парк Маврово.
Како дел од активностите од програмата на здружението „ГЛАМ Македонија“ за одбележување на 20-годишнината од конвенцијата на УНЕСКО за зачувување на нематеријалното духовно наследство, што се одбележува во целиот свет. На 13 и 17 април оваа година, членовите на Вики-клубот од Велес како дел од „ГЛАМ Македонија“, под менторство на матичниот википедијанец и професор Лила Арсова, координатор на клубот, активно учествуваа на работилници во просториите на медиотеката во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.
Младите википедијанци се запознаа со традиционалните народни инструменти гајда и кавал, кои се дел од духовното нематеријално културно наследство на Македонија. Исто така, учениците од Вики-клубот од Велес успешно учествуваат и освојуваат награди на уредувачките маратони за сите учесници на Вики-клубовите во Македонија.

Збогатувањето на содржините на македонски јазик се главниот предизвик и цел, а до тоа ќе се дојде со организирање: уредувачки денови, избор на најдобри статии, спроведување работилници за наставници, формирање нови Вики-клубови, организирање Вики-камп и слични активности. Наедно многу важни активности се оние за проширување на соработката со институции, организации, амбасади, како и учество на претставници на ГЛАМ на конференции во светот.
Целта е единствена, а тоа е сѐ поголем број вклучени директно во пишувањето статии на македонски јазик, како и мотивирање за примена на иновативните алатки од светот на Википедија, за полесен и поцелисходен пристап кон најразлични корисни содржини, кои секако ќе имаат далекосежно позитивно влијание на сите корисници и идни корисници на Википедија на македонски јазик.
„ГЛАМ Македонија“ останува отворена за соработка со сите профили: од ученици, студенти, образовниот, медиумскиот, научниот сектор за добивање пообемни содржини во корист на сите.
Вики-клубот од Велес и членовите на „Вики сениор“ од овој град ќе продолжат своето искуство и знаење да ги споделуваат и прошируваат и понатаму. Секој е добредојден во семејството на Википедија. Да се биде негов дел е голема привилегија и чест.
Матичен википедијанец и професор Лила Арсова