Архива / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Комисијата за Автомобилска одговорност донесе одлука без да ги земе во предвид анализите на осигурителната индустрија, сметаат осигурителните компании.

– Осигурителните компании се разочарани од пристрасните трврдења и непрофесионалните квалификации кои им ги упати регулаторот АСО а врз основа на кои Комисијата ја намали цената на авто одговорноста. Денешната одлука на Комисијата за АО при МФ за враќање на цените на АО претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор, поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците – стои во реакцијата на осигурителните компании.

И ако Комисијата за автомобилска одговорност тврдеше дека сака да донесе објективна и транспаретна одлука базирана на конкретни параметри, сепак истата се базираше единствено на пристрасните тврдења и непрофесионални квалификации доставени од регулаторот АСО. Регулаторот на осигурителната индустрија меѓу другото треба да се грижи и за стабилноста на осигурителниот сектор и за угледот на компаниите кои ги регулира. АСО преку презентирање на неточни анализи и давање на квалификации за индустријата и начинот на нејзиното работење директно го нарушува угледот на сите осигурителни компании и нивните „мајки” странските компании – додаваат во реакцијата.

Тие додаваат дека Регулаторот треба да работи во насока на зацврстување на осигурителната индустрија преку поддршка на нивните напори да ги заштитат осигурениците, преку креирање на солидно ниво на солвентност и ликвидност кое секако доаѓа само преку профитабилно работење. Во спротивност, се создаваат услови за нестабилност во финансискиот сектор – нешто што никој не го посакува.

АСО излезе со анализи во насока на докажување на неоправданоста на донесените одлуки за зголемување на делот за вршење на дејноста на осигурувањето за автоодговорност. Врз основа на овие анализи Комисијата за Автомобилска одговорност донесе одлука за воспоставување на максимален износ за делот на вршење на дејноста со што ги врати цените на ниво пред покачувањето. Анализите на осигурителната индустрија не беа воопшто земени во предвид – стои во реакцијата.

Осигурителната индустрија оваа анализа не ја прифаќа и смета дека е погрешно поставена и пристрасно изработена со цел докажување на однапред определено мислење и намалување на цената за АО.

Неточноста на анализата се базирана на следните факти

1. Анализата е направена комбинирано за автоодговорност, Зелена Карта и Гранично осигурување а не само за автоодговорност – која е предмет на промените

2. Анализата се фокусира на докажување на издржливоста/доволноста на техничката премија а не на делот за вршење на дејност – кој е предмет на промените

3. Анализата не ги зема во предвид резервираните штети и не прави проекција на инфлаторното влијание врз истите во наредните години -што е клучно за бизнис со долга опашка односно сервисирање на нематеријаните штети на долг рок

4. Анализата не го зема воопшто во предвид делот за вршење дејност и е непоткрепена со актуарски пресметки и проекции за трошоците

5. Анализата содржи паушални интерпретативни одредби и тврдења базирани на мислење, а не на факти

Македонија е една од ретките држави каде државата сеуште има функција во утврдување на цената за задолжителната АО и покрај фактот што се работи за пазарна економија. ЕУ секоја година во Извештајот за погресот на земјата, споменува дека оваа државна интервенција е неконзистентна со Европската регулатива и дека цената мора да ја утврдува слободниот пазар, односно да се случи либерализација на овој пазар – стои во реакцијата.

Со донесената Одлука од страна на Комисијата за Автоодговорност се лимитира делот за вршење на дејноста односно трошоците и се воспоставува 100% државна контрола над цените за автоодговорност. Со ова се оддалечуваме и од принципите на Европската Унија и од правилата на пазарната економија.