Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Двете земји би можеле да имаат по шест претставници во најсилното европско клупско натпреварување, ако Борусија Дортмунд ја освои Лигата на шампионите и не биде меѓу првите четири во германската Бундеслига и ако Аталанта или Рома ја освојат Лига Европа

Победата на Борусија Дортмунд на дуелот со ПСЖ со 1-0 во средата, во првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ), заедно со ремито на Баерн со Реал Мадрид, 2-2, во вторникот, ѝ овозможија на Германија да обезбеди и петти учесник во ЛШ во идната сезона. Претходно тоа го обезбеди и Италија. Двете земји би можеле да имаат по шест претставници, ако Борусија Дортмунд ја освои Лигата на шампионите и не биде меѓу првите четири во германската Бундеслига и ако Аталанта или Рома ја освојат Лига Европа, пишува „Би-би-си“. Победниците на двата купа автоматски се квалификуваат за Лигата на шампионите во следната сезона.
Во моментов од Италија на места што носат пласман во Лигата на шампионите се Интер, Милан, Јувентус, Болоња и Рома, а Аталанта има два бода помалку од Рома и одигра еден меч помалку… Од Германија сигурни учесници во најсилното европско клупско натпреварување се Баер, Баерн, Штутгарт, Лајпциг и Борусија Дортмунд, која токму со победата во првиот полуфинален меч си обезбеди влез во Лигата на шампионите, оти има 12 бода повеќе од шестопласираниот тим во Германија, на три кола до крајот на сезоната.
На табелата на Европската фудбалска унија, Италија (во полуфиналињата на трите европски купа од таа земја се Аталанта, Рома и Фиорентина) има 19,428 бода, а потоа се Германија (Баерн, Баер, Борусија Дортмунд) со 18,357, Англија (Астон вила) со 17,375, Франција (ПСЖ) со 16,083, Шпанија (Реал Мадрид) со 15,437… Дури и ако Астон вила победи во сите три преостанати натпревари во Лига Европа, Англија може да достигне најмногу 18,25 поени, пишува „Би-би-си“.
Дополнителните места се додаваат без разлика колку клубови влегуваат во ЛШ по вообичаениот пат. По едно дополнително место добиваат две домашни првенства чии клубови имаат најдобри перформанси во Европа секоја сезона, според новиот, проширен формат што почнува од следната сезона. Рангирањето се базира на резултатите на сите европски клубови во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига. Секоја победа на еден клуб вреди два бода, ремито еден, а бонус поени потоа се собираат со напредување низ различни фази од секое натпреварување. Потоа сите бодови освоени од клубовите од секоја земја се собираат пред да се поделат со бројот на тимови од соодветната земја во Европа во почетокот на сезоната. Н.М.