Од 20 до 29 јули во Џифони Вале Пјана во Италија се одржа 53-то издание на филмскиот фестивал „Џифони“, најголемиот филмски фестивал за деца во светот. Меѓу 6.500 учесници од триесетина земји, Македонија повторно беше застапена со најмногубројна делегација: десетмина претставници на возраст од 14 до 19 години, избрани меѓу најактивните учесници на последното издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Калина, Бисера, Максим, Јован, Бојана, Чејс, Дамјан, Летиција, Лина и Тео десет дена беа дел од големото меѓународно жири, кое гледаше најнови филмови од светската филмска продукција за деца и млади и ги избра најдобрите остварувања за оваа година.
Освен филмовите, за младите учесници беа организирани и голем број други активности, средби со режисери, продуценти и глумци, како и богата музичка програма.
Филмскиот фестивал „Џифони“ се одржува секоја година во јули, како централна манифестација со која се крунисуваат многубројните активности на големото семејство Џифони што се организираат во текот на целата година низ светот.
Со своето единаесетто издание, кое ќе се одржи во октомври годинава, „Џифони Македонија“, како горд член на семејството „Џифони“ и единствен фестивал надвор од Италија што го носи тоа име, повторно ќе приреди единствено филмско доживување за околу 600 учесници од Македонија и од странство.