Со големо задоволство ЗОО Скопје деновиве ја лансира својата новодизајнирана веб-страница.
Илустративно богата, наменета за сите генерации на авантуристи, оваа веб-страница е своевидна модерна дигитална зоолошка градина. Прошетајте низ неа и истражете ги животните, настаните, едукативните ресурси и целата преостаната забавна содржина на www.zooskopje.com.mk
На пошироката јавност ѝ е добропознато дека зоолошката е отворена секој ден, 365 дена во годината, но сега, во својата интернет-верзија, е достапна и во секое време од денот. Содржината на веб-страницата е детална, внимателно осмислена и пред сѐ корисна за секој нејзин посетител.
Особено е практично што на самата страница, посетителите ќе може и да си купат однапред билети, да резервираат роденденска забава за своите најмали, но и да се пријават за волонтирање во зоолошката. Едукативниот дел е наменет за најмалите, но и за сите други што сакаат да дознаат повеќе факти за омилените животинчиња од зоолошката. Штом ќе влезете во нивниот свет, ќе посакате да истражувате со часови!
Скопската зоолошка немаше своја веб-страница веќе две години, па токму затоа се одлучија за соработка со врвно професионален тим, кој се погрижи новата веб-страница да ги содржи апсолутно сите корисни информации, да е лесна за навигирање, но и визуелно впечатлива.
– Со овој чекор, ЗОО Скопје само уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон нејзиното модернизирање и следење на трендовите во дигитализацијата. Секогаш отворена кон барањата и потребите на своите посетители, скопската зоолошка ве повикува да ја разгледате новата веб-страница и да го откриете магичниот свет на животинското царство – порачуваат од зоолошката градина во Скопје, а секако дека интернет-страницата ќе придонесе за уште поголем контакт на ЗОО Скопје со јавноста.