Јубилеен концерт на Лазар Соколов, професор по кларинет во ООМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци

Јубилејниот концерт, со кој беа одбележани 10 години концертна и педагошка дејност на Лазар Соколов, професор по кларинет во ООМБУ „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци, е повод на страниците на „Колибри“ да потсетиме на неговите добиени награди и на високите педагошки достигнувања во областа на музиката.
На неодамнешниот концерт присуствуваа наставниците што имаат значаен придонес за текот на неговата кариера, но и за определбата и самиот да подучува и да ја шири љубовта кон музичката уметност.
Својот јубилеј, поради пандемијата, Лазар Соколов го прослави со две години задоцнување, и тоа во пет града во Македонија: Тетово, Велес, Прилеп, Неготино и во Кавадарци, а по покана на меѓународниот фестивал „Саксклар“ тој и неговата колешка на пијано Емилија Кабранова Филипова настапија и во Скопје.
Соколов го започна своето музичко образовани во кавадаречкото основно музичко училиште, каде што сега е професор, во класата на професорите Горан Стојанов и Пешо Бошков, како првенец на генерацијата од 2002 г. Средното музичко го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, во класата на професорот Петар Колевски. Неговата желба да го надградува своето музичко образование станува сѐ поизразена. На Факултетот за музичка уметност дипломира во класата на професорот Стојан Димов, каде што подоцна и магистрира. Редовно посетува семинари кај познати педагози и изведувачи низ Европа, и тоа: Никола Балдеру, Силви Хју – Париз, Карел Донхал – Прага, Игор Франтишак – Острава, Петко Радев – Софија, Хорхе Монтија – Венецуела и Славко Ковачиќ – Словенија, а бележи и големи успеси на државни и на меѓународни натпревари.

Своето камерно оркестарско искуство го бележи со настапите како солист во Македонската филхармонија, со камерниот ансамбл „Полифонија од Берлин“, градските оркестри на Скопје и на Кавадарци, оркестарот на Музичката младина на Македонија и Воениот оркестар на АРМ. Од 2015 година е член на триото „Ад либитум“, со кое снима и компакт-диск во продукција на МРТ. Она што е негова најголема желба е целото знаење и искуство да им ги пренесе на своите ученици, на чии успеси е многу горд, особено на оние што се определуваат музиката да биде нивна идна професија.
– Титулата дипломиран кларинетист ја добив на 25 мај 2010 година на ФМУ во Скопје, а на 30 август истата година добив телефонски повик што ми го смени животот и ми ги оствари сонот да станам учител. Ја имам најблагородната професија – просветен работник во областа на музиката, и овие 12 години ми поминаа многу брзо, меѓутоа беа исполнети со многу убави моменти што ќе ги паметам, а се надевам и моите ученици. За овој период, заедно освоивме над 100 награди на државно и на меѓународно ниво, а десет мои ученици го продолжија своето образование во Средното музичко училиште, некои од нив се запишаа и на факултети или продолжија да се занимаваат со интерпретација на кларинетот и воопшто со музиката. Можам слободно да кажам дека редовно учествуваме на нашиот државен натпревар и секогаш се враќаме со награди и пофалби за настапот, што за мене претставува награда за трудот што го вложувам – вели Лазар Соколов.

Тој го издвојува престижниот меѓународен натпревар „Охридски бисери“ каде што во силна конкуренција често победува со своите ученици.
– Тука се и натпреварите за дувачки инструменти „Даворин Јенко“ во Белград и „Стеван Мокрањац“ во Пожаревац, како и меѓународниот натпревар „Камерна музика Кавадарци“. Меѓутоа најголемо е задоволството на еден наставник е кога ќе ги слушне успесите на неговите ученици по завршувањето на основното образование. Особено се гордеам со моите ученици: Мартин Коцев, Идает Селфулов, Илија Стојанов, Кристијан Колев, Никола Василев, Јахја Омеров и Костадин Настов. Нашите контакти продолжија, па и врските со нивните професори, што посебно ме прави горд и задоволен дека сум успеал и сум ја остварил целта – љубовта кон кларинетот продолжува да живее во душите на моите ученици – посочи Соколов.
Лазар Соколов е среќен што и во иднина ќе ја остварува својата мисија да ја шири љубовта кон музичката уметност кај помладите.