Фото: Зоран Антоски

Хумана страница

Здружението на родители на деца со пречки во развојот „Надеж“ од Кичево, викендов реализира еднодневна посета на манастирот „Свети Јован Бигорски“ и попатно и на Мавровско Езеро. За да се реализира оваа посета, во голема мера помогнаа средствата што беа собрани на хуманитарниот базар организиран на 8 октомври во Кичево и учеството на панаѓурот во Прилеп на 15 октомври.
– Во манастирот „Свети Јован Бигорски“, од страна на монаштвото беше организиран заеднички ручек за сите припадници на „Надеж“, а од страна на свештенството ни беше раскажан историјатот на овој манастир. Попатно го посетивме и Мавровско Езеро. Најголем интерес од децата предизвика потопената црква во оваа акумулација, која поради долготрајната суша се наоѓа речиси на суво – ни рече Ѓоко Митрески, претседател на „Надеж“.
Тој нагласи дека хуманитарниот базар и учеството на панаѓурот во Прилеп дале значаен придонес за организирање на оваа прошетка.
– На хуманитарниот базар во Прилеп беа понудени на продажба изработките што ги создадоа децата со пречки во развој заедно со своите родители, а интересот за нивно купување беше голем. Се надеваме дека така ќе биде и во иднина за активностите што ќе ги спроведуваме – додаде Митрески.
Тој најави посета и на други манастири и верски објекти, а скорешна дестинација ќе биде манастирот „Трескавец“ крај Прилеп.

З.А.