Никој не станал светец при живот и во своето родно место, туку по смртта и во туѓина. Најчесто „анатемисан“ од „своите“. Во село со лепрозни, најгрда е најубавата жена. Tие, пак, што најмногу нè сакаат ги бараме кога повеќе ги нема, мислиме дека секогаш се тука за нас, заборавајќи дека времето не се враќа… Тамам ќе посакаме да ги видиме, а нив повеќе ги нема. Впрочем, нам не ни се потребни мртви, туку живи херои. Има едно правило: секогаш кога ќе стигнеш некаде, сврти се назад и сети се од каде си тргнал. Важна е историјата, со поука: тој што ја заборава, му се повторува во иднината…
Затоа, кога очекуваш одговор на прашањето „Што стори татковината за мене?“, каде и да си, поради која било причина, запрашај се пред спиење „Што сторив јас за татковината денес?“ и „Што ќе сторам за татковината утре?“. Не гледај ги другите за алиби на сопствените пропусти и мани, погледни се в огледало и потруди се сам да си ги пронајдеш, не чекај друг да ти го каже тоа.
Се разбира, не може сè да очекуваме од еден, луѓето живеат во заедница. Ниту пак еден е супститут на сите. Цело е кога од секој има по малку, тоа и за одговорноста да биде еднаква од сите.
Но бидејќи никого не го паметат по тоа што имал при живот, туку по тоа што оставил по смртта, да почнеме од дисолуцијата на поранешна СФР Југославија до суверена и самостојна држава Македонија…
Македонската пролет во пресрет на дисолуцијата на поранешна СФР Југославија започна со четирите блокади на трите гранични премини Дојран-Дојрани, Богородица-Евзони и Меџитлија-Ники на македонско-грчката граница одржани на 6 април, 19 мај, 21 јуни и 24 октомври 1990 година, во организација на Здружението на занаетчиите на Гевгелија, чиј секретар беше Тодор Петров, од 15 септември и претседател на Светскиот македонски конгрес реоснован во Гевгелија, а заради слободен проток на луѓе, идеи и капитал. Ги анимиравме барањата за укинување на визите, но и за унапредување на положбата и правата на Македонците во егејскиот дел на Македонија и за остварување на граѓанските, имотните и наследните права на насилно протераните Македонци од егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година. И, навистина, благодарение на блокадите на македонско-грчката граница, издавањето на визите, наместо во амбасадата во Скопје, продолжи на граничните премини со Грција. Ако продолжеше втората блокада за уште еден ден, постоеше можност визите целосно да бидат укинат! Пропуштивме историска шанса…
Првите парламентарни избори во Македонија се одржаа на 11 ноември во првиот круг и на 25 ноември 1990 година во вториот круг според мнозинскиот изборен модел – 120 пратеници – 120 изборни единици. Учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Во изборната единица Гевгелија број 14, меѓу 11 кандидати, како независен пратеник беше избран независниот кандидат Тодор Петров во вториот круг. Изборната трка беше неизвесна помеѓу кандидатот на СКМ-ПДП (денес СДСМ) и независниот кандидат Тодор Петров. Изборната победа ја решија гласовите од војниците од Гевгелија во ЈНА. Откога се преброија гласовите на војниците од Гевгелија во ЈНА, за дваесетина гласа победи независниот кандидат Тодор Петров. И достојно ја претстави својата изборна единица Гевгелија во Собранието на Македонија.
Првото повеќепартиско Собрание на Македонија се конституира на 8 јануари 1991 година, Киро Глигоров за претседател на државата Македонија беше избран на 27 јануари 1991 година, а Љупчо Георгиевски за потпретседател на претседателот беше избран на 1 февруари 1991 година. Владата на Македонија чиј премиер беше проф. д-р Никола Кљусев беше избрана на 20 март 1991 година.
На 25 јануари 1991 година, Собранието на Македонија донесе Декларација за сувереност. Во членот 7 од Декларацијата беше утврдено: „Доколку спогодбено и демократски не се разрешуваат меѓусебните односи на суверените републики во СФРЈ или тоа се врши на начин на кој сувереноста на Републиката се загрозува, Собранието на СРМ ќе донесе уставен закон со кој ќе ги утврди другите прашања од уставноправен карактер со кои СРМ како самостојна и независна држава ќе го преземе извршувањето на суверените права што ги остварувала преку органите на СФРЈ и ќе го утврди начинот на спогодување со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, според начелата на меѓународното јавно право“.
Поранешна СФРЈ се распадна токму поради амбициите на Слободан Милошевиќ, Југославија за него беше Голема Србија, за делегатите во Сојузното собрание да се гласа во цела Југославија како една изборна единица, за бројот на делегатите Срби во Сојузното собрание да биде најголем и тие да решаваат за сите и за сè. Словенија и Хрватска не го прифатија тоа, бараа секоја република да си биде посебна изборна единица, бидејќи републиките имаа статус на држави – Југославија не беше унитарна држава, туку федерација на шест суверени држави што дел од своите суверени права пренесоа на федералните органи – одбраната, надворешните работи и економските односи. На тие основи поранешна СФРЈ се распадна.
На 12 април 1991 година, Собранието на Македонија со усвојувањето на Амандманот LXXVI на Уставот го избриша зборот „социјалистичка“ пред името на државата, со што државата Македонија од Социјалистичка Република остана само Република Македонија!
За жал, дисолуцијата на поранешна СФРЈ започна со војната во Словенија меѓу Територијалната одбрана на Словенија и Југословенската народна армија под команда на српски генерали, па продолжи во Хрватска, и Собранието на Македонија со заклучок побара македонската влада да ги предложи сите закони за преземање на суверените права што порано ги вршеле органите на федерацијата, меѓу нив: Законот за државната граница, Законот за паричната единица, Законот за патните исправи и други.
И покрај војните во Словенија и во Хрватска, претседателите на Македонија и на Босна и Херцеговина, Киро Глигоров и Алија Изетбеговиќ, сè уште убедени во иднината на Југославија, ја промовираа платформата Глигоров-Изетбеговиќ за асиметрична федерација 2+2+2 – Словенија и Хрватска, Србија и Црна Гора, и Македонија и Босна и Херцеговина. Во време кога Словенија и Хрватска прогласија сувереност на 25 јуни 1991 година – словенечкото собрание усвои Декларација за независност, а Хрватскиот парламент донесе уставна одлука за сувереност и независност, Киро Глигоров пред Собранието на Македонија на 15 јуни 1991 година ја промовираше платформата Глигоров-Изетбеговиќ за асиметрична југословенска федерација.
Но на 18-та собраниска седница, одржана на 24 јуни 1991 година, поради воената разврска на СФРЈ, а во согласност со членот 7 од Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, Собранието ја задолжи владата на премиерот Никола Кљусев да му ги достави законите за самостојност и независност на СР Македонија, кои се разгледуваа на затворена седница. Собранието ги доби законите за самостојност и независност, меѓутоа пратениците на СКМ-ПДП (СДСМ) беа против нивното донесување, со образложение – Уставниот суд на Југославија ќе ги поништи, и побараа референдум. Законите за самостојност и независност на СР Македонија не беа донесени, но Собранието на Македонија одржано на 6 август 1991 година донесе одлука за распишување референдум на 8 септември 1991 година. Работна група го формулира следното референдумско прашање: „Дали сте за суверена и самостојна Република Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Забелешките на независниот пратеник Тодор Петров беа дека името на државата е Македонија и така треба да биде формулирано и референдумското прашање, што беше едногласно прифатено и тоа гласеше: „Дали сте за суверена и самостојна ДРЖАВА Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
За жал, остана дилемата како да се надмине бројот на суверените држави на Југославија во референдумското прашање, имајќи предвид дека држави во Југославија беа само шесте републики – Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија. Косово и Метохија и Војводина беа покраини во Република Србија. Загриженоста беше, ако прашањето гласи „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на шест суверени држави на Југославија?“, најверојатно дека пратениците Албанци од Партијата за демократски просперитет (ПДП) ќе бараат бројот шест да се замени со бројот осум, прејудицирајќи државност и на покраината Косово и Метохија и покраината Војводина.
За да се надмине блокада во Собранието, независниот пратеник Тодор Петров предложи амандман на референдумското прашање, кој Собранието едногласно го прифати, без гласовите од ПДП. Имено, Собранието го прифати единствениот амандман на референдумското прашање од независниот пратеник Тодор Петров – зборот „суверени“ да се замени со зборот „суверените“, имајќи предвид дека во македонскиот правопис нечленуваната именка означува недефиниран број на субјекти, а членуваната именка го дефинира бројот на субјектите за кои се однесува.
Со амандманот на независниот пратеник Тодор Петров, референдумското прашање гласеше: „Дали сте за суверена и самостојна ДРЖАВА Македонија, со право да стапи во иден сојуз на СУВЕРЕНИТЕ држави на Југославија?“, со образложение: Доколку и една република ја напушти СФР Југославија, Македонија нема да остане во редуцирана или асиметрична федерација!
Кога си спомнуваме за референдумот од 8 септември 1991 година, важно е да се спомне и следното. Ги знаев сите служби во Собранието, распоредот на просториите, собраниската печатница беше во подрумот, таму се печатеа референдумските ливчиња. Господ сакал да одам да видам како тече печатењето на референдумските гласачки ливчиња, големо количество од нив веќе беше отпечатено… Се вчудовидов кога видов дека мојот амандман во референдумското прашање не е отпечатен, референдумските ливчиња беа отпечатени со прашањето „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Му реков на раководителот на собраниската печатница да го прекинат печатењето, бидејќи се печати погрешно референдумско прашање за референдумот на 8 септември 1991 година. На прашањето кој им го даде ова прашање да го печатат, одговорот беше кабинетот на претседателот на Собранието, Стојан Андов. Интервенирав кај него да се достави вистинското референдумско прашање за печатење со мојот амандман, инаку ќе направам скандал, и тоа се случи. Целиот погрешно отпечатен тираж на референдумските гласачки ливчиња се поништи, печатницата почна да ги печати новите референдумски гласачки ливчиња со референдумското прашање со амандманот на независниот пратеник Тодор Петров – „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ Впрочем, Стојан Андов не беше на плоштадот „Македонија“ во метрополата Скопје кога се славеше резултатот од референдумот на 8 септември 1991 година, преку граничниот премин Дојран-Дојрани заминал за Грција, спомнуваше дека бил поканет на некој саем…
Која е разликата во референдумското прашање со зборот СУВЕРЕНИ наместо зборот СУВЕРЕНИТЕ? Ако останеше референдумското прашање „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на СУВЕРЕНИ држави на Југославија?“, или погрешно се отпечатеше референдумското прашање, и гласањето пројдеше, резултатот ќе беше – Македонија може да влезе во редуцирана федерација со Србија и Црна Гора. Ќе живеевме друга историја. Самите си останавте во Србославија.
Со вистинското референдумско прашање со амандманот на независниот пратеник Тодор Петров „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на СУВЕРЕНИТЕ држави на Југославија?“ се знаеше дека суверените се однесува на сите републики во Југославија, со образложението, доколку и една република ја напушти СФР Југославија, Македонија нема да остане во редуцирана или асиметрична федерација! Бидејќи претходно Словенија и Хрватска на референдум прогласија независност и самостојност, отпадна и опцијата Македонија да остане во редуцирана или асиметрична федерација!
Врз основа на референдумот од 8 септември 1991 година, Собранието на 17 ноември 1991 година донесе Устав на Република Македонија, иако требаше Устав на Држава Македонија, како што е Држава Израел! Но, во декември 1991 година, независниот пратеник поднесе Декларација до Собранието за ништовност на вториот дел од референдумското прашање. Собранието го прифати мислењето на Владата на Бранко Црвенковски по предлог-декларацијата на независниот пратеник Тодор Петров дека вториот дел од референдумското прашање по запирката – „со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“ повеќе НЕ ВАЖИ, затоа што постапката за стапување во сојуз или заедница на држави и истапување од сојуз или заедница на држави е уредена со членот 120 од Уставот донесен на 17 ноември 1991 година, кој гласи: „(1) Предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници. (2) Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. (3) Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“.
На тој начин отпадна и дилемата дали Македонија може да стапи во редуцирана или асиметрична федерација Југославија! Патем, таков не беше ниту резултатот од референдумот одржан на 8 септември 1991 година. Инаку, Југославија во референдумското прашање беше спомната за да ги навлече да гласаат СКМ-ПДП, кои собраниската конститутивна седница не сакаа да ја започнат без химната на Југославија, а уставниот закон за сувереност и самостојност не го прифатија бидејќи велеа дека ќе го поништи Уставниот суд на Југославија. Киро Глигоров по предлог на Стојан Андов ја жртвуваше владата на Никола Кљусев со гласање доверба, за да го спаси министерот за надворешни работи Денко Малевски, кој се судри со потпретседателот на Владата Блаже Ристовски – Малевски велеше Македонија без Југославија не може, денес стана голем мегафон на Софија и Атина во Македонија.
Затоа, кога некој ќе ви каже дека референдумското прашање во 1991 година беше за Југославија, слободно одговорете: На референдумот одржан на 8 септември 1991 година, речиси четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, ГЛАСАА ЗА „суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, одлуката на референдумот е задолжителна за сите, без исклучок, особено за институциите на власта!
Кариерата на независниот пратеник Тодор Петров е изградена и вградена во темелите на државноста на Македонија. Поголема сатисфакција од тоа нема: Да ја смените историјата на државноста од дел во Србославија во суверена и самостојна држава Македонија, во време на дисолуција на поранешна СФРЈ да бидете креатор на македонската пролет во 1990 година, да го дефинирате референдумското прашање за суверена и самостојна држава Македонија на 8 септември 1991 година без додавки и без придавки надвор од редуцирана федерација со Србија и Црна Гора и, на крајот, Собранието на првото продолжение на 41. седница одржано на 11 август 1992 година, по предлог на независниот пратеник Тодор Петров за државно знаме да го изгласа семакедонскиот симбол 16-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа – симболот на Империјата Македонија да биде државно знаме на Републиката Македонија и да потврди дека вториот дел од референдумското прашање „да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“ е трајно минато свршено време, дилема надмината со Уставот на државата Македонија од 17 ноември 1991 година! За илјадниците други амандмани, закони, декларации, резолуции, иницијативи, рамно на Гинисов рекорд во светот без конкуренција, во друга пригода. Патем, по секој карван има кучиња што лаат, друго и не знаат, ќе лаат по секој карван што доаѓа и проаѓа, и тоа ќе го прават сѐ додека не пцовисат.
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот! Амин!
Тодор Петров беше независен пратеник во Собранието
на Македонија во мандатниот период 1990-1994 година

































