Фото: Влада

Еврокомесарката за проширување во посета на земјава

Европската иднина на Македонија, реформите и условите за продолжување на пристапниот процес беа главни теми на разговор на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Обајцата на вчерашната заедничка прес-конференција ги изнесоа позициите за кои се залагаат.
За Кос, усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на пристапниот процес, а притоа додава дека е потребен и заеднички меѓупартиски консензус за Изборниот законик, со цел државата целосно да го искористи моментумот во евроинтеграциите.
– За заеднички меѓупартиски консензус, за да може да имаме 100 проценти успех, и се надевам дека ќе се случи тоа. А кога ќе се случи, тоа ќе биде во полза на државата, затоа што пристапните преговори ќе се придвижат нанапред. Реформската агенда и она што го правите во Планот за раст и, од друга страна, пристапниот процес, во одреден дел ќе се спојат – рече Кос, додавајќи дека нашата земја тогаш „може многу побрзо да се приклучи кон оние напредни земји“.
Таа посочи дека граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од Унијата, наведувајќи ги укинувањето на роамингот, програмата „Еразмус плус“, поврзувањето со иницијативите за вештачка интелигенција, здравствените програми и сајбер-безбедноста.
– Полноправното членство ќе донесе уште поголеми придобивки, ќе донесе еднакви права и еднакви можности за вашите граѓани и за вашите бизниси и уште поголема поддршка за изградба на инфраструктурата и помош за руралните региони. Но, откако ќе станете полноправна членка, земјата навистина ќе добие многу повеќе. Би сакала да го објаснам ова со случајот на Црна Гора. Знаеме дека Црна Гора е предводник и ќе добие трипати повеќе средства во финансиска помош од ЕУ отколку што добива сега. Веднаш ќе има придобивки – изјави еврокомесарката Кос, при што нагласи дека истото тоа го посакуваат сите во Брисел, но „усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување“.
Еврокомесарката оцени дека ЕУ до 2028 година би можела да добие нова членка од Западен Балкан и порача дека нашата земја треба да биде меѓу тие што ќе напредуваат најбрзо.
Од своја страна, премиерот Христијан Мицкоски изрази благодарност за финансиската и експертската поддршка, нагласувајќи дека Владата останува цврсто посветена на европскиот пат.
– Очекуваме процесот на интеграција во Европската Унија да се води според јасни критериуми, европски вредности и исполнување на реформските обврски, а не да биде оптоварен со билатерални прашања што создаваат неизвесност и фрустрација кај македонските граѓани – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека довербата во процесот е клучна и дека Македонија очекува истите правила да важат за сите. Според него, Владата ќе продолжи со реформите, јакнењето на институциите, економијата и владеењето на правото, а секое трајно решение треба да биде засновано на заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна европска перспектива. С.Т.


Редакциски осврт на посетата на Кос

Ера на празнословие, а не на конкретни евроинтеграциски зафати

 

Додека еврокомесарката за проширување Марта Кос за време на вчерашната посета на Скопје повторно ги испрати „охрабрувачките“ пораки за европската перспектива на земјата, но и дека „земјава треба да ги исполни преземените обврски“, фактите говорат дека политичката реторика и реалноста сè повеќе се разминуваат.
Имено, иако од Брисел постојано слушаме дека вратата за проширување е отворена, дека реформите се единствениот пат напред и дека Западен Балкан има свое место во Европската Унија, секому му е јасно дека вистинските намери на Унијата не се транспарентни од гостите што доаѓаат и ни ги упатуваат ваквите пораки, туку од нејзините политики и буџет.

И еве зошто.

1. Прво, повеќегодишната финансиска рамка за буџетот на ЕУ, кој е предмет на актуелна расправа во европските институции, отвора сериозна дилема околу тоа колку проширувањето навистина е меѓу приоритетите на официјален Брисел. Имено, во буџетските проекции нема јасни индикации дека Европската Унија се подготвува за прием на нови членки во текот на следниот седумгодишен финансиски циклус. Тоа само по себе не значи дека проширувањето е формално стопирано, но остава силен впечаток дека во блиска иднина не се очекува реализација на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан. Можеби ќе се направи исклучок за една сосема мала земја со околу 600 илјади жители и површина од 13 илјади километри квадратни, што нема да промени ама баш ништо на финансискиот параметромер на ЕУ, а од друга страна Брисел ќе демонстрира „силна добра волја“ за прием!?
Во превод, за сето ова, дипломатските пораки звучат оптимистички, додека финансиските планови упатуваат на многу попретпазлива, па дури и поинаква политичка процена. А токму буџетот, многу повеќе од изјавите на европските функционери, е најдобар показател за тоа што навистина се планира.
Во такви околности, никој сериозно не очекува Европската Унија во следната година да прими нова членка, имајќи го предвид фактот дека дури и на фронтлидерите им е потребно малку повеќе време за да го заокружат пристапниот процес. Иако Црна Гора е најдалеку во пристапниот процес, Хрватска отворено кажува дека без исполнување на нејзините услови нема да има ратификација на пристапниот договор. Албанија, пак, се соочува со внатрешни превирања и повеќе од јасно е дека таквите состојби создаваат резерви кај одредени земји членки, кои сметаат дека земјата реално не е подготвена за членство на брз рок.

2. Второ, и уште поважно, е тоа што за една година Европа ќе влезе во нов политички циклус, и тоа конкретно со претседателските избори во Франција во 2027 година. Голема е веројатноста дека конкретниот исход од тие избори во Франција исклучително битно и суштински ќе влијае врз идниот курс на Унијата, односно дали фокусот ќе остане на она на што инсистира актуелниот француски претседател Емануел Макрон: проширување, но под строги политички услови на либерален Брисел (со помалку од утврдените Копенхашки критериуми, а повеќе испорачани политички барања), што за Македонија е идентитетски погубно! Или, пак, од друга страна, ќе дојде/победи политичка опција во Франција што ги турка како приоритет „длабоките внатрешни реструктурирања на Унијата“ и ригидно држи до ставот „против нови проширувања!“ (имено, опцијата на Марин Ле Пен).
Во еден ваков реален контекст, посетата на Марта Кос не претставува некаков пресвртен момент, туку редовна дипломатска активност во рамките на нејзиниот мандат. Од неа не се очекуваат нови одлуки, ниту конкретен временски план за проширување, туку пред сè политички пораки на охрабрување.
Затоа и се наметнува прашањето колкава е реалната тежина на тие пораки. Доколку тие не се проследени со конкретни политички и финансиски чекори што ќе покажат дека Унијата навистина се подготвува за нови членки, тогаш тие остануваат дел од веќе препознатливата европска дипломатска реторика – реторика што со години ја одржува надежта кај земјите кандидати, но не нуди јасен одговор кога таа надеж ќе се претвори во реалност.
Македонија одамна слуша дека постои „моментум“ за проширување. Но, ако европските политики и буџетски проекции не покажуваат дека проширувањето е непосреден приоритет, тогаш сосема е легитимно да се постави прашањето дали денешните пораки од Скопје ја одразуваат реалната состојба или претставуваат само уште една дипломатска обврска во календарот на Европската комисија. Н.М.


И други лидери на Балканот не ја земаат Кос „здраво за готово“

Вучиќ: ЕУ нема да се шири во следните неколку години

Србија, Македонија и Босна и Херцеговина нема наскоро да станат членки на Европската Унија, истакна српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на конференцијата на претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ.
– Не мислам дека ЕУ ќе може да носи одлуки за проширување во следните неколку години, но тоа не значи дека не треба брзо да продолжиме по нашиот европски пат и да спроведуваме реформи – рече Вучиќ.
Тој нагласи дека европскиот курс на земјите од регионот треба да продолжи без оглед на моменталното расположение во Унијата, притоа додавајќи дека Западен Балкан досега не ја сфатил доволно сериозно важноста на меѓусебната соработка, пишува Н1. Н.М.