ПОЧНУВА „БУКСТАР“

Фестивалот на европската литература „Букстар“ почнува денеска и ќе трае до 30 септември во Скопје, под мотото „Чуму слободата?“. Годинашното издание ќе донесе три фестивалски дена исполнети со средби со европски и македонски автори, разговори, книжевни читања, поткасти, дебати и неформални фестивалски настани. Фестивалот ги отвора прашањата за слободата, личната и колективната меморија, книжевноста и историјата, но и за светот што забрзано се менува под влијание на технологијата и вештачката интелигенција.
Фестивалот официјално ќе биде отворен во 19.30 часот во „Лабораториум“, а програмата ќе започне уште во 13 часот, со средба на шпанскиот автор Елој Морено со ученици од средни училишта во театарот „Комедија“. Местата за оваа средба се веќе пополнети.
Странските автори што годинава доаѓаат во Скопје се ексклузивни имиња на европската литература: Јап Робен (Холандија), Елој Морено (Шпанија), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Гузел Јахина (Казахстан), Саша Бронвасер (Холандија). Претходно во Скопје гостуваше и Леа Ипи (Албанија/Велика Британија), како добитничка на наградата „Букстар 2026“. Во програмата се вклучени и над 30 македонски учесници, меѓу кои Влада Урошевиќ, Снежана Стојчевска, Александар Русјаков, Лилјана Пандева, Оливера Ќорвезироска, Петар Андоновски, Иван Шопов, Фросина Пармаковска и многу други.
Првиот фестивалски ден започнува со разговорот „Колку лајкови се потребни за среќа?“, на кој најчитаниот шпански автор во моментов, Елој Морено, ќе разговара со средношколци за современиот свет, врсничкото насилство, социјалните мрежи и потрагата по среќа. Во 18 часот во „Лабораториум“ ќе се одржи отворањето на 12. Саем на европската литература и презентација на европскиот книжевен проект „Еурека“. Во 18.30 часот следува разговорот „Од робот до четбот: дискусија за ерата што доаѓа“, со Ненад Јолдески, Валентин Нешовски, Соња Станковска, Александар Русјаков и Влада Урошевиќ, модериран од Фросина Пармаковска.
Официјалното отворање на „Букстар“ е закажано за 19.30 часот, кога Оливера Ќорвезироска (добитничка на наградите „Рациново признание“, Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“, „Стале Попов“ и автор на годината на МАИ) ќе ѝ се обрати на публиката и ќе го прогласи фестивалот за отворен.
Во 20 часот Елој Морено ќе биде гостин на разговорот „Малиот принц на шпанската литература“, со Весна Мојсова-Чепишевска, со превод на Ненад Велковски и обезбеден превод на знаковен јазик. По тој повод се објавува и книгата „Новото патување на Малиот принц“, продолжение на „Малиот принц“ на Антоан де Сент-Егзипери, создадена во соработка со наследниците на францускиот автор.
Вториот фестивалски ден започнува со неформалната книжевна тура „Кога писател шета писатели“ со Васко Марковски, а напладне во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи големото книжевно читање „Чуму слободата?“. На читањето ќе настапат Елој Морено (Шпанија), Јап Робен (Холандија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија) и Саша Бронвасер (Холандија), заедно со македонските автори Соња Станковска, Лилјана Пандева, Томислав Османли, Ивана Трајаноска и Иван Шопов. Во вечерната програма следуваат две изданија на поткастот „Антологџии“, со Лилјана Коробка и Мартина Видаиќ, модерирани од Душко Крстевски, а потоа разговорот „Како (да) се раскажува историјата? Лична меморија, историска траума и книжевност“, со Саша Бронвасер и Лилјана Коробка. Модератор е Александар Маџаровски. Вечерта продолжува со „Мапа на тишината: загубата, сеќавањето и невидливите животи“, разговор меѓу Мартина Видаиќ и Јап Робен. Модератор е Владимир Јанковски.
Последниот фестивалски ден започнува со книжевниот настан „Марџан Сатрапи со адреса во Скопје: Обид за мал омаж“, во кој ќе учествуваат Никола Гелевски, Владимир Битољану, Катерина Шекутковска и Жарко Кујунџиски, со модерација на Ивица Дукоски. Во 19 часот следува средбата со светски познатата писателка Гузел Јахина, авторка на романите што го освоија книжевниот свет – „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“ и „Возот до Самарканд“, во разговор со Емил Ниами. Фестивалската програма ќе заврши со дебатниот „Фајт клаб“, на темата „Бестселерот (не) може да биде голема литература“, во кој во два, навидум спротивставени, тима ќе дебатираат: Зоран Спасов-Ѕоф, Јован Илиески и Сузана Камберова, од една, и Петар Андоновски, Дијана Петрова и Снежана Стојчевска, од друга страна. Модератор е Александра Јуруковска. Како и претходните денови, денот завршува со постпрограмата „До фајронт“.
Со годинашното издание фестивалот продолжува да го физиономира Скопје како место за средба на европската и македонската литература. Во фокусот се различните начини на кои книжевноста ја преиспитува слободата – од личното искуство и меморијата, преку историјата и општеството, до технологијата и иднината. В.Д.